Да се обезбедат доволен број згрижувачки семејства способни да се грижат за деца на кои им е потребна привремена грижа, за да нема ниту едно дете во голема институција.
Ова е целта на националната кампања „На секое дете му треба семејство”, која синоќа беше промовирана во Неготино, а ја спроведуваат Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ.
- Големата институција, како што е дом за деца без родителска грижа, колку и да е добро опремена и колку добар персонал да има, никогаш не може да ги замени љубовта и поддршката на семејната средина. Детето само во семејна средина може да чувствува љубов, поддршка и припадност, рече Зорица Ѓорѓиева, психолог во неготинскиот Центар за социјални работи.
Претставникот на Министерството, Елка Тодорова појасни дека станува збор за деца кои од најразлични причини се напуштени, или пак одземени од нивните родители.
- Добро е секој град да има згрижувачко семејство, затоа што за тие деца е најдобро да останат таму, од каде што потекнуваат. Македонија има традиција во ваквото згрижување. Тоа функционира уште од 1961 година, кога се појавија првите згрижувачки семејства во Скопје, кои и по триесет години ја извршуваа оваа функција. Но, немаме доволно згрижувачки семејства во сите делови на Македонија. Затоа е и оваа кампања, појасни Тодорова.
Градоначалникот на Неготино, Тони Делков нагласи дека дава поддршка за овој хуман проект. Тој изрази надеж дека и во неготинскиот Центар за социјални работи ќе се пријават семејства заинтересирани да згрижат деца без семејства и да им подарат љубов.
Пред присутните се обрати и Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија. Тој информираше дека кампањата има за цел до 2020 година да нема ниту едно дете од раѓање до три години, кое би живеело надвор од семејство, да нема деца кои ќе живеат во институции.
Директорот на Центарот за социјални работи, Виолета Тасева говореше за критериумите за да се стане згрижувач. Таа се осврна и на причините поради кои, за некое дете е потребно да се обезбеди згрижувачко семејство.