Вработени од Музејот на тетовскиот крај денеска ги пребојадисаа со бела боја графитите и паролите со недолична и провокативна содржина што пред месец и половина беа испишани на споменикот на револуцијата во центарот на Тетово. На него беше потпишана и навивачката група на фудбалскиот клуб Шкендија Балисти, а беше напишан и датумот 20 мај 2018 кога овој клуб во вечерните часови ја прослави шампионската титула во Првата македонска фудбалска лига.
- Овој споменик почесто е мета на сквернавење, исцртување пароли и делумно уништување. По иницијатива на Сојузот на борците од Тетово, општинската организација на СДСМ и голем број граѓани како национална установа презедовме акција за да го пребојадисаме површно, а за понатаму планираме тој целосно да се обнови и да му се зачува ликот. Се надевам дека и граѓаните понатаму нема да прават вакви непријатни постапки. Иако одржувањето на спомениците е обврска на општина Тетово и ние како национална установа согласно финасиските можности се грижиме за спомениците во градот, изјави директорот на Музејот на тетовскиот крај Миќо Стојчески.
Од Сојузот на борци од Тетово искажаа благодарност до музејот за пребојадисувањето на недоличните пароли на споменикот на револуцијата.
- Во Тетово како мултиетнички град очекуваме ваквите национализми и вандализми да престанат и да се почитуваат сите споменици и културни обележја, рече Јоцко Димитриески од Сојузот на борци од Тетово.
Тој посочи дека очекува оваа година општината конечно да дозволи бистите на народните херои Ѓоце Стојчески Амбарче и Тодор Ципоски Мерџан што пред десеттина години беа отстранети од градскиот плоштад да бидат поставени на посебна основа до споменикот на револуцијата.