Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ денеска два часа го блокираа патниот правец Прилеп-Градско, на излезот од градот. Велат не се откажуваат од своите барања да се реши состојбата со компанијата и не го прифаќаат владиниот предлог бидејќи, како што посочуваат, тоа е еднократно и нема целосно решение.
- Ние го блокиравме патниот правец на излезот од Прилеп, а другата наша група протестираат пред Владата. Владиниот предлог не ја решава состојбата. Предложените шест милиони денари, три милиони биле за една плата од по 10 до 12.000 денари, другите за репроматеријали. Но проблемот не е решен, бидејќи за две недели, пак е истата ситуација, а ние бараме трајно решение, вели Пеце Велјаноски од Синдикатот на Еурокомпозит.
Тој рече дека не отстапуваат од барања за трајно решавање на нивниот проблем.
- Исплата на заостанатите плати и придонеси, пакет-отпремнини за 100 луѓе иако се најавува, се уште ништо нема од тоа. Доколку компанија прави процена пак ќе поминат неколку месеци. Досега, речиси една година поминува со рокови од три и од шест месеци, а нема ништо на повидок. Затоа од барањата за трајно решение не отстапуваме, вели Велјаноски.
Тие им даваат целосна поддршка на колегите кои протестираат пред Владата на РМ.