Кај овците и козите во Македонија не е евидентирана болеста „чума“ што беше потврдена на 22 јуни во Бугарија. На терен се спроведува мониторинг и ако се забележат какви било симптоми, ќе се реагира соодветно, соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Според него, се преземаат мерки превентивно за да се подигне свеста на повисоко ниво и откривањето на болеста, ако случајно се појави, да биде навремено.

- Преземени се сите мерки, изречена е и забрана за увоз и транзит на овци, кози и нивни производи. Во Бугарија болеста е ставена под контрола, нови жаришта нема и опасноста е сведена на минимум, потенцира Атанасов по настанот со кој и официјално заврши проектот на АХВ за поефикасна контрола на безбедноста на храната и јакнење на институциите во оваа насока.

Атанасов во обраќањето по овој повод рече дека изминатите 18 месеци, со италијанска помош, е изработена првата стратегија за благосостојба на животните, подобрен е системот за контрола на болестите со акцент на „синиот јазик“, инфективната анемија кај коњите и „чворестата кожа“, како и на болестите што се пренесуваат со вектори, „западнонилска треска“ и „лајшманиоза“. Направена е и ревизија на Акцискиот план за бруцелоза, а верификувани се и процедурите за биосигурносните мерки на свињарските фарми. Исто така се подготвени и планови за следење и надзор на паразитските болести.

Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје нагласи дека особен напредок е постигнат во фитосанитарната политика но, како што рече, преостанува уште многу работа во делот на безбедноста на храната што мора да продолжи и по завршувањето на проектот.

- Најголем е проблемот со координацијата меѓу државните институции. Ако тоа се подобри, тогаш секоја одлука за заштита ќе биде полесно и подобро менаџирана, односно полесно ќе се справите со евентуални нови жаришта или болести, порача Бертолини.

Проектот вреден 751.473 евра се спроведуваше година и пол, а целта беше јакнење на пазарната економија и конкурентноста на македонските производи на европскиот пазар, како и гарантирање на заштитата на правата на потрошувачите преку обезбедување високи стандарди за безбедност на храната.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 16:00