Книжниот фонд на библиотеката „Тане Георгиевски“, збогатен е со нови 314 наслови или вкупно 885 книги, информираа денеска надлежните од јавната општинска Установа.

За набавката, што беше извршена кон крајот на претходниот месец, од дванаесет издавачки куќи, јавната општинска Установа одвои 337.798 илјади денари.

- Набавени се белетристика, енциклопедии за деца и возрасни, стручна литертура, како и атрактивни наслови барани од читателите, изјави директорот на библиотеката, Марјан Петковски, посочувајќи дека во наредниот период ќе следи набавка на лектирниот фонд, бидејќи има промена во задолжителните лектири за основците.

Петковски информира дека од септември ќе започне реализијата на проектот „подвижна библиотека“, за што се потребни дополнителни книги кои ќе соодвествуваат со потребите на овој нов проект.

- Согласно набавната политика и услугите кои од година во година ги подобруваме, се бележи континуиран раст, односно зголемување на членството во библиотеката. Така и минатата година има зголемување на членството споредбено со претходната година, за околу дванаесет проценти, што е добар показател дека библиотеката се движи во вистинска насока, со обновување и зголемување на книжниот фонд и услугите што ги нуди кон корисниците, посочи Петковски.

Тој информираше дека библиотеката на годишно ниво, спроведува неколку набавки на книги.

Во текот на годинава, кумановската библиотека започна со дигитализација на периодичните изданија кои во минатото беа популарни на подрачјето на општина Куманово, меѓу кои и најпознатиот „Наш весник“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 18:20