Кумановскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Физика на тагата“ во петок на 6 јули со почеток во 20 часот. Претставата е работена според романот на Георги Господинов, во режија на Милош Б. Андоновски, драматизацијата на Ивана Нелковска. Во претставата играат Горан Илиќ, Марко Трајковиќ, Јасмина Василева, Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Нина Максимова и Симона Димковска.

- Беше вистински предизивик да се работи и текстот и да се соработува со различни генерации од кумановскиот театар. Извадивме неколку приказни од романот и направивме рамка која ги спојува парчињата“-рече на денешната прес конференција, режисерот Андоновски.

Според него, претставата ќе предизвика реакција кај публиката и ќе порачаат дека сочуството ќе го спаси светот. Актерите се постојано на сцената толкувајќи еден од ликовите на научниците, но и споредни улоги извлечени од романот. Претставата, велат, ќе пренесе чуство на емпатија и очекуваат реакција од публиката како одговор на едно од најсилните чувства кај човекот-тагата.

По премиерната изведба, за која билетите веќе се распродадени, „Физика на тагата“ ќе биде изведена и наредните три дена, односно на 7-ми, 8-ми и 9 јули, со почеток во 20 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2018 18:36