Приходите на Општина Гостивар за шестте месеци од оваа година достигнаа вкупен износ од 467.660.829 денари, што претставува 44,30 отсто од планираните приходи за буџетот од 2018 година кои изнесуваат 1.055.777.000 денари. Во периодот од 01.01.2018 до 30.06.2018 година се вклучени и трансферите од претходната година и се однесуваат на консолидираниот буџет.
Од општина Гостивар велат дека приходите бележат раст во износ од 57.408.903 денари (14 отсто) споредено со истиот период од минатата година.
- Ова е добар показател дека буџетот ќе надмине 80 отсто. Тоа значи дека буџетот за оваа година би можел да помине со мали промени и дополнувања во првиот ребаланс. Извршувањето на буџетот за овој период од годината може да се смета како мошне успешно, со оглед на фактот дека дури три од првите шест месеци, Општина Гостивар работеше со привремен буџет, кој беше рестриктивен и предизвикува големи застои во реализација, истакнуваат од Сектор за финансии при Општина Гостивар.
Растот се должи на зголемување на даночните приходи во износ од 15.208.186 денари, на неданочните приходи во износ од 3.575.231 денари, донации и траснфери 37.702.440 денари, како и капитални приходи во износ од 923.046 денари.
Трошоците за првото полугодие изнесуваат 428.452.210 денари, или 40,58 отсто од планираните расходи на консолидираниот буџет за 2018 година. Споредено со претходната година, извршувањето на расходите се зголеми за 23.805.894 денари, односно околу шест отсто.
Општина Гостивар воведе нова пракса и информациите за приходите и расходите од општинскиот буџет се достапни на веб страницата на општина Гостивар.