Техничка опрема за неовластено емитување телевизиски програми на интернет била одземена при вчерашниот претрес на шест места во полошко.
При претресот реализиран со судска наредба кај три физички и исто толку правни лица, од кои по две во Тетово и Гостивар како и во Чегране и Слатино, биле пронајдени и со потврда одземени 5 рисивери, 3 компјутерски куќишта и 3 лаптоп-компјутери. По целосното рачистување на сите поединости ќе следуваат соодветни поднесоци најавија од полицијата.
Акцијата, како што информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, заеднички ја спровеле полициски службеници на СВР Тетово во содејство со одделението за истраги за компјутерски криминал на МВР и Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги-сектор за заштита на авторски права Скопје.
Активностите биле преземени поради сомнение дека се врши повреда на авторско право и сродни права на правен субјект од Република Албанија.