Со научна визита по повод 100 години од раѓањето на Борис Чипан, еден од доајените на современата македонска архитектура, одржана денеска во Охрид градот му се оддолжи на својот заслужен сограѓанин, а архитектите и академиците на својот почитуван учител и колега.

Академик Газанфер Бајрам во обраќањето пред присутните на јубилејот истакна дека мислите на Чипан искажани во книгите за архитектурата како да го креваат превезот и ги согледуваат нештата на денешницата, минатото, а со тоа и иднината на архитектурата.

Беседејќи за Чипан, академик Бајрам рече дека тоа бил човек со отворено срце и пребогат дух, човек со кого можело да се разговара за се, на најразлични теми животот и живеењето, од Охрид низ вековите, напластени култури од три империи и градби од тоа време, до приказната за Џеладин Бег и Ташула, за уметноста во Света Софија, луѓето, езерото, до разни случки поврзани со неговото живеење поврзани со секој од овие сегменти.

- Долга е листата дела со кои Чипан го задолжи градот Охрид. Тој беше своевиден хроничар на својот Охрид, „волшебниот рид“ како што го нарекуваше. Му се задолжи на градот со анализите на охридската архитектура, прибележувајќи ги и реконструктирајќи ги преку скици охридските куќи, со конзервацијата и анализата на катедралниот храм Света Софија, со откривање нови факти за Долни Сарај и безброј други негови сознанија и откритија, истакна меѓу другото Бајрам.

Деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ Огнен Марина рече фактот што животниот и професионалниот пат архитектот, професорот, конзерваторот и публицистот Борис Чипан почнува тука во Охрид, помеѓу највредните примери на средновековната и нововековната сакрална и профана архитектура во Македонија, недвојбено влијаело Чипан да биде еден од првите студенти од Македонија на Одделот за архитектура на Техничкиот факултет во Белград.

- Навидум случајно, но сигурен сум дека не постои друг архитект чиј професионален пат подобро ја илустрира современата македонска архитектура. Образован како модернист кој до крајот на својот професионален живот доследно ќе ги застапува вредностите на модерната архитектура, сведена на својата функционална и хумана едноставност, рече меѓу другото Марина.

Во име на Градот Охрид и неговите сограѓани, благодарност за делото на Чипан искажа градоначалникот Јован Стојаноски.

- Нашиот сограѓанин Борис Чипан остави неизбришливи траги и белези во македонската архитектура, урбанизам, публицистиката поврзана со архитектурата и се разбира зачувувањето на културното и архитектонско богатство и наследство во Охрид. Родниот град му бил и љубов и инспирација, инспиративниот набој може да се согледа во неговите бројни студии и публикации посветени токму на Охрид, рече Стојаноски, притоа нагласувајќи дека локалната власт ќе ја следи посветеноста на Борис Чипан во остварувањето на неговиот сон, да не се дозволи девастирање, деградирање и уништување на Охрид.

Борис Чипан, израснат како човек во традиционалната архитектура на Охрид, уште како студент ги направи првите записи за традиционалната македонска архитектура, а потоа и самиот како конзерватор и архитект ги обнови најубавите храмови во Македонија, од Света Софија во Охрид преку Антички град – Стоби, Даут–Пашиниот амам и Куршумли во Скопје до Свети Пантелејмнон во Нерези. Во современата македонска архитектура втемелена во модернистичката архитектура, силно повлијаена од традициите и соочена со својот историски контекст, Чипан го создава својот идентитет во повоена и постоземјотресна обнова на градовите и селата на Македонија, користејќи специфичен архитектонски јазик преточен во неговите цртежи, како и во неговите архитектонски дела во кои се препознаваат сите тие влијанија. Тој ќе биде еден од првите повоени професори по архитектура во Скопје, основоположител на собвремената македонска архитектура со бројни архитектонски решенија. Можеби најпрепознатливо дело во творештвото на Чипан е зградата на Македонската академија на науките и уметностите (1976 година), за која ја добива најпрестижната југословенска награда за архитектура „Борба“.

Свеченостите по повод одбележувањето на јубилејот „100 години од раѓањето на Борис Чипан“ ќе бидат заокружени со изложба на дел од материјалите од професионалната оставина што семејството Чипан ги подари на Музејот на град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 14:27