Тања Лепческа и Златко Димовски се младоженци на годинешното 45. издание на Галичката свадба, што ќе се одржи од 13 до 15 јули во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина.

Александар Костиќ претседател на Месната заедница „Галичник“, која е организатор на манифестацијата изјави дека се горди што Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

- Овие признанија се само уште една причина Галичка свадба да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет, рече Костиќ, кој годинава најави збогатени содржини за посетителите на манифестацијата со учество на голем број познати уметници.

Покровител на манифестацијата годинава е премиерот Зоран Заев. Во негово име на младоженците среќа и бериќет и незаборавни свадбарски денови им посака министерот без ресор Роберт Поповски.

- Честитам што успеавте на тендерот за младенци вие да добиете. Галичката свадба е една од најспектакуларните културни манифестаџции во РМ. Владата во континуитет ја поддржува Галичката свадба и верувам и очекувам дека таа поддршка ќе продолжи да се зголемува затоа што манифестацијата од година во година добива во квалитет, а тоа го потвдуваат и заинтересираноста на светски тв куќи. Галичник е епицентарот на македонската култура, традиција, обичаи, култура уметност низ вековите, рече Поповски кој и самиот е од Галичник.

На младоженците честитки им упати и Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара која традиционално ја поддржува манифестацијата, затоа што вели, е бренд за традиционални вредности.

Дваесет и девет годишната Лепческа изјави дека е особено среќна што е избрана за невеста, затоа што и самата учествувала во ова манифестација од својата петта година и ја смета за најавтентична и најтрадиционална свадба на сите простори. Избрани биле во конкуренција од четири пара.

Димовски, пак, вели добро се подготвил и ги научил свадбарските обичаи кои се карактеристични за галичката свадба. Двајцата работат во приватни компании и живеат во Скопје.

Свадбарските обичаи ќе започнат во сабота на 14 јули, со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ ќе го кажат во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ в недела. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови.

На манифестцијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе. Со Галичката свадба започнува и Галичкото културно лето кое официјлно ќе биде отворено на 13 јули на платото пред чешмата Упија со настап на Влатко Стефановски и оперската певица Весна Ѓиновска Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд Офф“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2018 15:47