Судии од кривичните оддели и јавни обвинители од сите апелациски подрачја и адвокати учествуваат на дводневната работилница на теми поврзани со специфични аспекти од кривичната постапка, што во организација на Академијата за судии и јавни обинители „Павел Шатев“, денеска почна во Скопје.
Воведи обраќања на работилницата имаа директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска и раководителот на Отсекот за владеење на правото, Мисија на ОБСЕ во Скопје, Алфредо Стриполи.
Предавачи на работилницата се судијата во Врховниот суд на Република Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа, Марин Мрчела, адвокатката од Загреб, Лаура Валковиќ, јавниот обвинител на Вишо јавно обвинителство Штип Тодор Витларов и судијата на Основен суд Скопје 1, Ненад Савески.
На работилницата ќе се дебатира за улогата на јавниот обвинител во претходна постапка (предистражна и истражна), за улогата на судијата во претходната постапка, за улогата на судот во доказната постапка, како и за постапката по жалба, редовна и скратена постапка.
Работилницата се одржува во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.