Најдоцна до средината на август ќе профункционира првиот стационар за напуштени животни во месноста Новакова Чешма во Штип, најави денеска советникот за односи со јавност во oпштина Штип, Кристина Костова.
Изградбата на стационарот е во финална фаза и останува проектот да добие согласност од советниците во Советот на општината.
- Она што е потребно е да се докомплетира документацијата и таа да се достави до Советот на општина Штип. Пуштањето во употреба ќе зависи од тоа што ќе се добие како финална оценка од Агенцијата за храна и ветеринарство, која треба да даде одобрение за пуштање на употреба на прифатилиштето за бездомни животни. Очекувањата се дека кон крајот на месецов или најдоцна до средината на август би можел да започне со работа, вели Костова.
Во стационарот ќе можат да се згрижат од 15 до 18 бездомни животни на кои ќе им се овозможи хуман третман.
Граѓаните на Штип и од останатите градови од Источниот регион подолго време реагираат на зголемениот број кучиња скитници.