Климатските промени се забрзани и водат кон временски екстреми како поплави, јаки суши, топлотни бранови, интензивни врнежи и бури, кои ќе стануваат вообичаени, покажуваат најновите податоци објавени од Светската метеоролошка организација.

Ваквите појави се очекува да имаат поголеми социоекономски и развојни последици на целата планета.

Универзитетскиот професор Владо Спиридонов, кој во моментов предава на Департментот за метеорологија и геофизика на Факултетот за земјини науки, географија и астрономија во Виена, во интервју за МИА посочува дека според последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени се очекува зголемувањето на просечната глобална температура на воздухот да продолжи како резултат на зголемување на антропогените емисии на стакленичките гасови.

И во Македонија средната годишна температура на воздухот во последните 20 години била постојано во пораст, додека во однос на режимот на врнежи постои генерален тренд на опаѓање на количеството на врнежи.

- Според резултатите добиени од користење на неколку климатски модели со различни сценарија на климатска чувствителност, добиени се проекции за промената на климата во Македонија. Резултатите предвидуваат веројатност за понатамошно зголемување на температурата во периодот од 2025 до 2100 година, намалување на врнежите во текот на сите годишни времиња, со најголем дефицит во текот на летниот период, истакнува проф. д-р Спиридонов.

Во интервјуто за МИА, што ќе биде објавено за време на викендот, Спиридонов говори и за тоа дали е можно да се повтори невремето од 2016 година во скопско Стајковци, како климатските промени влијаат врз здравјето на луѓето, како и за изумот за растерување на маглата од 1999 година за што заедно со уште двајца колеги добија низа награди.

За тоа колкав е интересот на младите за изучување на метеорологијата, Спиродонов вели дека интересот не е доволен.

- Ова од аспект на помалата мотивираност кај младите кои би се определиле да студираат метеорологија и помалата веројатност да најдат вработување по завршување на студиите. Иако сме свесни за се поголемото значење на метеорологијата (физика на атмосферата) како научна дисциплина и нејзината интердисциплинарна примена во општеството, сепак, неопходна е подобра стратегија за развој и примена на истата како би била во чекор со европските трендови, оценува Спиридонов во интервјуто за МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 17:39