Сабит Реџепи, Ридван Дервиши, Халил Камбери и албанскиот државјанин Љуљзим Битра денеска беа осудени на четири месеци затвор како виновни за учество во тепачката на 5 април годинава кога во вооружен судир на две групи кумановци, членови на ДУИ во Мала Речица едно лице загина а повеќе беа потешко или полесно повредени.
Според денешната пресуда на осудените казната им се намалува за времето поминато во притвор додека албанскиот државјанин Љуљзим Битра, кој се уште е во притвор, по издржувањето на казната се протерува од Македонија со забрана за влез во траење од пет години.
За нивниот бранител адвокатот Миралем Асани постапката за неговите клиенти била спроведена согласно законот, објективно и професионално, но сепак тој има забелешки на висината на изречената пресуда.
- Овие четворица сега осудени се и оштетени во настанот и по нивното признавање на вината за учество во тепачка во која се нашле случајно очекував дека ќе добијат условна осуда. Тие се нашле на погрешно место во погрешно време, односно тие дошле да земат двајца нивни пријатели и да одат на вечера по што биле нападнати од другата група што ги чекала подготвена. Во консултација со моите клиенти ќе решиме дали ќе поднесеме жалба на пресудата, рече адвокатот Асани.
Четворицата осудени на вчерашното рочиште за овој вооружен инцидент со смртни последици ја признаа вината за учество во тепачка по што нивната постапка беше третирана како одвоен случај и се одвиваше по скратена постапка.
Во инцидентот на 5 април две групи кумановци, едната таканаречена група на Реџепи, а другата на Мисими, најпрвин започнале расправа околу изборот на претседател и членови во телата на ДУИ за град Куманово во партиското седиште на партијата во тетовска Мала Речица. Потоа тие излегле надвор и расправијата преминала во вооружена престрелка во која се користеле безбол палки, секира, нож, палици но и огнено оружје при што Наим Реџепи беше убиен а повеќе лица беа потешко и полесно повредени.