Центарoт за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ги намали цените за влез на посетителите за премиерните изведби на Кумановскиот театар од 200 на 150 денари, информираа денеска надлежните од националната установа.

Воедно, донесена е и одлука со која се овозможува бесплатен влез за лицата со попреченост и нивните придружници на сите манифестации кои ги организира оваа установа од културата. Според надлежните, со намалените цени им се излегува во пресрет на кумановци да ги следат премиерите на театарските претстави и да се овозможи на сите категории граѓани еднаков пристап до културни манифестации.

- Управниот одбор донесе одлука да се намалат цените за премиерите на театарските претстави од осегашните 200 на 150 денари, бидејќи мислиме дека Куманово заслужува да има поевтини билети за премиери. Исто така, донесовме уште една одлука, децата со посебни потреби да имаат бесплатен влез на која било манифестација на која ќе се наплаќаат карти во Кумановскиот таетар и во Центарот за култура со уште еден нивен придружник. Со тоа сакаме да им излеземе во пресрет на овие сограѓани да имаат слободен пристап до нашата институција, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Освен за премиерите, цената на билетите за театарските претстави во Кумановскиот театар останува иста, односно 100 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2018 18:02