Дирекцијата за култура и уметност-Скопје денеска во рамки на „Скопско лето“ ќе ја промовира книгата „Про музика“ на музикологот Костадин Костадиновски, која содржи 150 рецензии за домашни и странски музички уметници, есеи, портрети, интервјуа, занимливости и анегдоти.
- Тие се историја на тридеценискиот музички живот илустриран со 50 фотографии. Изобилува со значајни настани од сите музички жанрови со широк стилски дијапазон. Пишувана е по иста концепција како и неговата публикација објавена пред четири години која наиде на широк интерес и квалитетно ја дополни и онака дефицитарната литература од подрачјето на музиката, соопшти ДКУС.
На програмата на скопскиот летен фестивал е и танго-балетот „Либертанго“ на музика на Астор Пјацола, кој МОБ премиерно го изведе минатиот месец. Претставата ја расакажува животната приказна на овој композитор и почетоците на тангото во неговата родна Аргентина во втората деценија на 20 век.
Автор на либретото и режисер на претставата е Наташа Поплавска, кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, костимограф и автор на сценографијата е Александар Ношпал, а на светло-дизајнот - Милчо Александров.
Ликот на композиторот Пјацола во три животни периоди - дете, млад и стар го играат Марко Здравковски, Симоне Џиролети и Драган Кочовски. Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили настапуваат во улоги на неговите родители Асунта и Висенте, а тројца познати аргентински танчари ги играат: Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Марија Јосифовска-Ристовска. Во улоги на танго-танчари и танчарки, италијански емигрантски фамилии учествуваат триесетина балетски играчи.