Нуркачкиот клуб „Амфора“ и Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид денеска на Градскиот плоштад организираа изложба на подводни фотографии.
- Целта на изложбата е пред гостите во Охрид да се промовира подводниот свет и природното богатство на Охридското Езеро, а кај граѓаните да се подигне јавната свест за потребата од негова заштита, појасни Јован Секулоски од Нуркачкиот клуб „Амфора“.
За изготвувањето на фотографиите е употребена специјална опрема за подводно снимање, и се внимателно снимени при часови и часови минати под вода.
- Снимени се доста интересни моменти, ситуации под вода, а за изложбата се избрани 30 снимки...Особено сложено е да се направи добра фотографија на водна змија или на езерската краба затоа што се работи за плашливи животни, а средбите со нив траат само миг, така што за добра фотка е потребно трпение, вели тој.
Од клубот „Амфора“ информираат дека се поголем е интересот кај туристите од сите возрасни категории што доаѓат во градот за нивните почетни курсеви по нуркање, како и за подводни излети со посета на најатрактивните локации во езерото, секако, зависно од обученоста на самите нуркачи.