Поп и рок-пејачот Влатко Илиевски почина синоќа на 33 години од засега непознати причини. Илиевски е роден на 2 јули 1985 година во Скопје.
На музичката сцена беше активен од 2000 година. Свирел гитара во локални скопски бендови, членувал во бендот „Мејд ин Маседониа“, а потоа стана познат како вокал на групата „Морал“ која во 2005 година настапи како предгрупа на концертот на „Дип парпл“ во Скопје.
Од 2007 година почна солистичка кариера и имаше два албума со вкупно 20 песни, меѓу кои: „Најбогат на свет“, „Уште си ми ти“, „Со други зборови“, „Гушни ме“, „Скитник“, „Среќа“, „Пред да те знам“, „Се што сакав по тебе“, „Пак на старо“...
Во 2011 година ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Дизелдорф со песната „Русинка“.
Илиевски беше дипломиран актер со завршени студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Полицијата соопшти дека неговото безживотно тело било најдено синоќа во 23 часот во автомобил „тојота“ во Скопје. Се утврдуваат причините за смртта.