На малата сцена на Македонскиот народен театар од денеска до 9 јули ќе се одржува првиот дел од 11. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2018“.

Ќе бидат изведени четири претстави од три соседни земји (Грција, Бугарија и Србија), сите жанровски различни, така што публиката ќе може да види куклен, ритуален, класична пантомима и буто.

Фестивалот ќе почне вечер во 20 часот со претставата „Снешкото што не сакаше да се стопи“ на Визуелен куклен театар „Празеин Алога“ од Грција и настап на Емануела Капокаки.

Утре ќе има две претстави на уметници од Бугарија - гостуваат „Симург“ со Александар Илиев (20 часот) и „Кругот на животот“ на Филип Дончев (21.30 часот), а во понеделник е претставата „Мандрагора“ на Марко Нектан од Србија.

Под водство на буто-артистот Нектан, денеска и утре во рамки на фестивалот ќе биде одржана работилница за буто, кој е театар на движењето со потекло од Јапонија и е мешавина од германската експресионистичка школа за игра, Но театар и јапонската зен-традиција.

Според уметничкиот директор Трајче Ѓорѓиев, „Панфиз“ се обидува оваа година да претстави неколку различни жанрови од областа на пантомимата и физичкиот театар. Во основата на сите нив е движењето, а пристапот се базира на драматургијата и карактерите.

Вториот дел на „Панфиз“ ќе се одржи на 30 септември, кога ќе гостува финската атракција „Мимо Арт“ од Хелсинки со претставата „Боди Ноутс“ (Body Notes). „Мимо Арт“ е новоформирана театарска трупа која на „Панфиз“ во септември ќе прикаже една од своите најнови продукции. Се работи за артикулирана сценска физичка игра, која во исто време кокетира со танцот како ад хок израз.

Влезот за претставите на 11. „Панфиз“ од денеска до 9 јули е бесплатен за посетителите, со претходна резервација во МНТ.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2018 20:36