Во Струга синоќа почна 27. Фестивал на преработени и стилизирани албански песни „Кенге јехо“, а на отворањето се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери.

Како што соопшти собраниската прес-служба, тој истакнал дека фестивалот ги собира истакнатите уметници од сите албански краеви кои на отворената сцена, кои ќе ги претстават уметничките, кореографските, костимографските и етнокултурните национални албански вредности.

- Оваа година, горд сум и поради фактот што Собранието на Република Македонија е поддржувач на настанот, што е додадена вредност во летната културна понуда на овој град кој дише и живее со песните, фолклорот и ората, кои се универзална цивилизациска категорија, односно се дел од светското културно наследство, истакна Џафери.

Во исто време, додаде тој, тие претставуваат значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.

- Ќе можеме да ги проследиме со огромно задоволство вредностите кои нашите предци успеале да ги сочуваат низ векови, ги развивале и успеале да ги пренесат до младите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет, меѓутоа сега преработени и стилизирани, посочи Џафери на отворањето на фестивалот „Кенге јехо“ кој ќе трае три дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2018 23:18