Риболовци од Кичево, сѐ почесто го посетуваат вештачкото езеро создадено на една од депресиите на поранешниот рудник за јаглен „Осломеј“.

Оваа акумулација со околу 30.000 квадратни метри површина, сѐ уште претставува недоволно истражена водна акумулација во која виреат повеќе видови слатководни риби: клен, крап, карас и други.

Иако езерото засега не е порибено сепак во повеќе наврати се случуваше да бидат уловени и поголеми примероци крап или клен.

- Осломејско Езеро сѐ повеќе излегува од анонимноста кај риболовците од регионот, па и пошироко. Некои бизнисмени имаат подготвено и проекти за негов позабрзан развој и создавање услови за престој и рибарење во текот на целата година, но засега од добро познати причини изостануваат инвестиции во неговото окружување и покрај тоа што ги има сите претпоставки за забрзан развој – од близината на градот Кичево, само пет километри, лесна достапност од сите патишта, до стабилен водостој во текот на целата година. Со неговиот развој тука би се вработиле повеќе луѓе и би се впишал во туристичката мапа на Македонија. Оваа акумулација е вредна, само треба да се испланира нејзиниот долгорочен развој и потрошените средства многу брзо да се вратат, вели Бесмир Елези, спортски риболовец и вљубенк во природата во кичевскиот регион.

Езерото на некои места е длабоко до 15 метри, неговите води се секогаш бистри, а водостојот е константен независно од годишното време.

Повеќемина рибари што го посетуваат езерото често практикуваат ситниот улов од други реки да го пуштат во оваа акумулација и како резултат на овој начин на порибување езерото е сѐ побогато со риба.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/07/2018 20:20