Каратистот на Макпетрол, Абдурахим Идризи го освои златниот медал во Светската младинска лига во Умаг, Хрватска. Тој во јуниорска конкуренција категорија -55 кг. во финалето го совлада Максим Краснов од Русија со 7-2.
На патот до финалето Идризи ги совлада Лукас Томас (Германија), Мирнес Аговиќ (Босна и Херцеговина, Максим Падолски (Белорусија) и Никита Филипов (Украина).
- Идризи заслужено го освои златниот медал од ова највисоко рангирано натпреварување кое го организира Светската карате федерација (ВКФ). Во полуфиналната и финалната борба тој буквално ги декласираше своите противници и со голема бодовна разлика успеа да се качи на победничкиот пиедестал. Идризи со своето учество на последните првенства, докажува дека постепено прераснува во голем карате потенцијал на кој ќе може да смета Македонија во иднина, изјави тренерот Бошко Заборски.
На Светскиот куп учествуваа 1.874 натпреварувачи од 74 држави.