Завршува проценката на штетите од силното невреме проследено со град во светниколскиот регион, информираше денеска градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велков. Општината ќе бара прогласување на елементарна непогода, што се случи на 13 јуни, кога невремето проследено со град уништи над 5.000 хектари земјоделски култури, но исто така од паднатите дрва и силниот ветар има и оштетување на фарми и куќи.

- До Општината беа доставени 412 барања за проценка на штети, но деветте екипи од Комсијата за проценки на штети кои изминатиот период беа на терен имаат дополнители 200 барања, односно направени се 612 записници за проценка на штети. Најмногу барања има од атарите на село Црнилиште, Амзабегово и Пеширово, вели Велков.

Според проценките на членовите на комисијата во овчеполскиот регион лозовите насади се уништени од 100 до 70 проценти, житните култури од 40 до 50 проценти, раноградинарските производи од 60 до 70 проценти, а исто така и тутунот. Велков забележува дека проценката на терен е во завршна фаза, по што извештајот ќе биде доставен до Владата и ќе бараат прогласување елементарна непогода во Овче Поле.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2018 16:53