Осумкратниот шампион на Вимблдон, Швајцарецот Роџер Федерер се квалификуваше по 16-ти пат во четвртфиналето на Отвореното првенство на Велика Британија во тенис.
Првиот носител и бранител на титулата од минатата сезона, Федерер го победи Французинот Адријан Манарино (22 носител) со 6:0, 7:5, 6:4 по 105 минути игра и ја продолжи серијата од 32 последователни освоени сета на Вимблдон.
Триесет и шестгодишниот Швајцарец забележа 12 асови и не дозволи брејк. Тој направи вкупно 43 винери против само 18 на противникот.
Федерер експресно го освои првиот сет, а потоа реализира подоцнежни брејкове во следните два сета.
- Почнав многу силно, додека тој имаше проблеми да влезе во ритам. Вториот сет беше потежок. Создадов доста поени за брејк, но не успевав да ги реализирам. Сепак сум задоволен од настапот и се радувам што успеав да го добијам мечотт без изгубен сет, рече Федерер, кој по рекорден 53-ти пат стигна до четвртфиналето во Гренд слем турнирите.