Големата оперска певица Елена Мошуц, ѕвездата на отворањето на годинешното 58. издание на фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе пристигне на скопскиот аеродром, по што веднаш ќе замине за Охрид.

Романско-швајцарската сопранистка која има репутација на еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, доаѓа првпат во Македонија и вели дека е многу возбудена што ќе го отвори фестивалот „Охридско лето“ за кој слушнала дека е важен настан во регионот.

-Знам дека многу популарни музичари биле често поканувани и секогаш доаѓале со огромно задоволство да музицираат на овој популарен фестивал во Европа. Дури и јас имам некои подалечни роднини во Охрид и среќна сум што ќе пеам за нив и за сите луѓе. Судбината на уметникот е да им донесе радост на сите луѓе во целиот свет и сум благодарна што сум поканета на еден ваков прекрасен фестивал. Тоа е голема чест, вели оперската дива Елена Мошуц.

Романскиот тенор со неверојатно активна концертна кариера, Калин Братеску кој на свеченото отворање ќе пее заедно со Мошуц уште вчера пристигна во Македонија.

Двете оперски ѕвезди на Антички ќе настапуваат под диригентска управа на маестро Николае Молдовеану, на отворањето на годинешното фестивалско издание.

„Охридско лето“ заедно со уметниците, спектакуларниот почеток на фестивалот ќе го најават на утрешната прес-конфетенција што ќе се одржи во хотелот „Инекс Горица“, а претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов кој е покровител на фестивалот „Охридско лето“, ќе приреди свечен прием за уметниците во вилата „Билјана“ во Охрид.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2018 13:13