Македонската филхармонија најави богата програма за концертната сезона 2018/2019, која ќе почне на 27 септември со концертот „Ново утро“ и настапот на славниот француски пијанист Лука Дебарг. Диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Дебарг е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“ и еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена. Тој ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, а ќе биде изведена и Фантастична симфонија од Хектор Берлиоз.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти в.д. директорот Виктор Илиески. Ја најави целосната програма за новата сезона, која може да се погледне и на официјалната веб-страница на Македонската филхармонија - www.filharmonija.mk Новата сезона ќе биде под мотото „Високи вибрации“.
Следниот концерт е „Хармонија мунди“ што ќе се одржи на 12 октомври. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков ќе биде изведено грандиозното дело „Планети“ од Холст, кое кај нас ќе доживее и специјална визуелизација. Илиески ја издвои и изведбата на Бетовеновата Деветта симфонија со маестро Густав Кун од Австрија и фантастични солисти и хор, како еден од грандиозните проекти, настанот „Музика на платно“ кој ќе донесе филмска проекција со музичка изведба во живо од страна на оркестарот. Ќе има концерт посветен на рускиот гениј Дмитриј Шостакович со славниот виолончелист Даниел Милер Шот, кој веќе гостуваше во Скопје.
Илиески ги најави и настапите на рускиот виолинист Вадим Репин, на првиот тромбонист на Њујоршката филхармонија Џозеф Алези, кој ќе има и мастер клас во Македонската филхармонија, концертот на атрактивното и виртуозно дуо кларинети Гурфинкел кои ќе настапат на Гала-новогодишниот концерт. Дуото Гурфинкел ќе настапат и како солисти на турнејата во Кина.
Директорот на Македонската филхармонија го најави настапот на Луси Хорш на барокна флејта од Холандија, концертот на големиот руски пијанист Борис Березовски, кој во иста вечер ќе изведе два концерти за пијано од Шостакович и Прокофјев и ќе одржи и еден камерен концерт. Предвиден е и концертот на уште еден врвен руски пијанист, Андреј Гугнин, со Концерт за пијано од Лист.
Ќе настапат уште тројца извонредни виолинисти - Бенџамин Шмид од Австрија, Сојанг Ју од Кореја и Баиба Скриде од Латвија. Нема да изостанат и традиционалните концерти на Македонската филхармонија, настапот на манифестацијата „Денови на македонска музика“, концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ посветени на младите музички уметници, концертот во Градскиот парк „Филхармонија на отворено“, како и концертот по повод Денот на вљубените.
Илиески информира дека и македонските уметници кои ќе бидат дел од програмата. На подиумот со Македонската филхармонија ќе застанат и македонски солисти, како Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Нина Костова-Јаневска на пијано, Милан Силјанов како вокален солист, како и нашите диригенти Борјан Цанев и Сашо Татарчевски. Првпат со Филхармонија ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од школата од Виена. Ќе бидат изведени и македонски дела од автори како Сони Петровски, Владимир Николов, Љубомир Бранѓолица...
Македонската филхармонија ќе оствари три значајни турнеи. Првата е во Казахстан со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија по повод празникот 8 Септември, а можно е со нивен концерт да биде отворен Конзулатот во Алмати.Турнејата во Шпанија ќе се одржи на 30 октомври и 1 ноември во Сарагоса и Хуеска. Ќе има големата турнеја низ Кина, кога оркестарот на Македонската филхармонија во неколку градови ќе одржи седум концерти, а ќе се случува во декември и јануари.
Македонската филхармонија за редовните посетители на концертите ќе овозможи блок билети во кои ќе бидат вклучени сите концерти, по цена од 9.000 денари, а кои ќе можат да се набават до 20 септември.
Македонската филхармонија новата концертна сезона ќе ја стартува со кампањата „Без мобилни“ која, како што рече Илиески, треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не ги користат своите мобилини телефони за време на музичките настани.