Во Штип денеска се формираше координативно тело за развој на туризмот во Источно планскиот регион, а кое произлегува по направената Стратегија и Акциониот план за развој на туризмот во овој регион за период од 2015 до 2025 година.

Андреа Златковска координатор за еко туризам вели дека покрај тоа што ќе се работи на зајакнување на турзимот како гранка во регион, исто така ќе работи на зајакнување на сопствените капацитети и на вработените во приватниот сектор.

- Координативното тело ќе биде составено од претставници од сите општини, кои што се во состав на Источно планскиот регион и секако ќе соработува со сите кои се засеганти страни, кои понатаму би имале корист од работата на вакво тело. Како главна цел е да го подигнеме туристичкиот капацитет на Источно планскиот регион и да биде поконкурентен во однос на останатите региони во Република Македонија, како и во соседството, вели Златковска.

Таа забележува дека како тело ќе имаат и задача да создадат една интегрирана туристичка понуда. Членовите на телото ќе треба да даваат и идеи, но и да ги информирама туристичките капацитети за повиците кои ги објавуваат министерствата, фондовите на ЕУ и на невладиниот сектор за искористување на средства со кои би ја подобриле понудата и услугите за туристите.

Овој проект е дел од втората фаза на Програмата за зачувување на природата во Македонија, која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2018 14:58