Во Крушево, од полетувалиштето на Мечкин Камен денеска почнаа 20. европско и 8. светско првенство во змејарство. Овие две првенства во Крушево се одржуваат по втор пат. Учествуваат 133 пилоти од 21 земја со репрезентации и четири земји се гости на првенствата.

Според Владимир Баракоски, претседател на Воздухопловната федерација на Македонија не случајно Куршево е домаќин на елитни превенства, првенствено зашто нуди идеални услови за летање.

- Ова се големи светски натпревари. В година во Крушево ќе се одржи светското првенство во параглајдерство. Овие натпревари покажуваат колку Крушево е посакувана дестинација за вакви врвни натпревари со идеални услвои: простор, клима и можности за речиси секојдневни летови, што пак не е случајот на Алпите. Тaму се атрактивни, но времето брзо се менува. Освен тоа, првенствата привлекуваат и многу туристи и рекреативци. Овде е светската елита во змејарство и параглајдерство, вели Баракоски.

Учесниците се воодушевени, без разлика дали доаѓаат прв, втор или трет пат во Крушево.

- Имаме доволно простор, има планини, соодветен простор за слетување, одлично време. Ги имаме сите услови за летање. Летам 25 години со параглајдер, а четири со делта план. Различно е искуството. Со параглајдерот седиш, со делта планот си паралелно со земјата и друга е перспективата, вели Роберт Бернард од Германија.

- Трет пат сум овде. Во Австрија има многу места на Алпите, но не се како Крушево. Овде ги има сите услови за летање, вели Кристијан Прајнингер од Австрија.

- Ми се допаѓа што е голем просторот, сигурен за приземјување, одлична организација, а луѓето се многу љубезни, вели науки Такаки од Јапонија.

- Ги сакам ова место и луѓето. Прв пат сум и пак ќе дојдам. Ова е стил на живот, филозофија на слободата, на среќата, вели Надежда Петровскаја од Белорусија.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, локалната самоуправа ги одржува инфраструктурата и терените. Крушево е полно со гости.

- Сакаме сите да се чувствуваат убаво. Сите капацитети се преполни. Досега имавме околу 4.000, а до крајот на сезоната, очекуваме вкупно 15.000 туристи, гости, посетители, рече Христоски.

Европското и светското првенство зо змејарство во Крушево се до 21 јули.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2018 17:07