Општина Центар Жупа, мала но пребогата со природни убавини и богатства, сместена во западниот дел на Македонија, последните години, со реализираните проекти, пред се во подобрувањето на патната инфраструктура, пополека добива изглед на урбана средина. Со тоа и можост за сеопшт развој и стопирање на миграцијата на младата популација, која и се закануваше да стане второ Мариово. Има вкупна површина од 110 квадратни километри, опфаќа 23 села, распослани во Долна и Горна Жупа, а центар на општината е селото Центар Жупа. Општината, според локалните власти брои околу десет илјади жители, а околу четири илјади се на работа во странство, пред се Италија, Германија и Швајцарија.
- - Со подобрената патна инфраструктура, посебно целосната реконструкција на патниот правец Мелнички Мост-Центар Жупа, со кој општината се поврзува со регионалниот патен правец Дебар-Маврово, поволностите што се нудат на економски план и изградбата на Спомен куќата на таткото на современа Турција, Мустафа Ќемал Ататурк, пополека нештата тргнаа кон подобро, вели градоначалникот Аријан Ибраим.
Патниот правец Мелнички Мост-Центар Жупа е во должина од 8,2 километри, изграден пред повеќе од четири децении беше во многу лоша состојба иако редовно ЈП „Македонија пат“ ги санираше ударните дупки. Со реконструкцијата, што подразбира проширување и поставување заштитни браници се обезбеди поголема безбедост во одвивањето на сообраќајот, зашто во летниот период кога печалбарите се во родниот крај фреквенцијата на возила е повеќепати поголема од вообичаената и како што велат самите жители, до сега само Бог ги чувал од катастрофа.
Општина Центар Жупа, освен инфраструктурната поврзаност со општина Дебар, годинава со нов асфалтен пат ќе се поврзе и со општина Струга.
- Станува збор за патниот правец Центар Жупа-ХЕ „Глобочица“ што е целосно пробиен, но асфалтиран на само две делници, Центар Жупа-Новак и Долгаш-ХЕ „Глобочица“. Во завршна фаза и само прашање на ден е отпочнувањето на асфалтирање на делницата Новак-Коџаџик Елевци, во должина од 3,5 километри. Предвидената инвестиција е 260 илјади евра, средства обезбедени од Светска банка преку Министертвото за финансии.
- Патниот правец Центар Жупа - ХЕ„Глобочица“, се спојува со регионалниот пат Дебар-Струга. Овој патен правец кој е во должина од 21 километар е асфалтиран до село Новак, поточно првите 12 километри. По асфалтирањето на делницата Новак-Коџаџик Елевци вложуваме напори да се продолжи со алфалтирање до Долгаш, а од ова село до ХЕ „Глобочица“ патот е асфалтиран, нагласува Ибраим.
Тој се надева дека до крајот на годината ќе биде целосно асфалтиран патот што е многу зачајно за општина Центар Жупа, бидејќи Струга и Охрид се многу поблиску отколку до сега, кога мораат да минуваат многу подолг пат преку Дебар.
И локалната власт, но и бизнисот од оваа рурална општина оценуваат дека патот ќе има позитивен ефект врз економскиот развој на општината. Со неговата изградба оваа општина ќе биде многу поблиску и до аеродромот во Охрид, што значи многу за жителите од овој крај кои главно се печалбари. Нивнот избор на овој аеродром, меѓу другото и поради близината ќе значи многу и во зголемувањето на бројот на патниците. Само во Италија има над четири илјади жители од Жупа, а од нив околу една третина во родниот крај доаѓаат со авионски превоз.
- Сакам да напоменам дека веќе имаме најави од четворица наши печалбари кои веќе ова лето ќе почнат со реалзиација на нивни инвестиции во родниот крај .Тоа ќе бидат мали претпријатија во кои ќе бидат вработени по десет лица, вели Ибраим.
Во ова општина, со средства на државата и помош на турската владина агенција за развој „Тика“ неколку села, меѓу кои Горенци, Броштица, Житинени, првпат добија асфалтни патишта, а со залагање на локалната власт во последните три години сите селски улички се поплочени со бекатон плочки. Изграден е водовод од селото Лучишта па заедно со кракот од водоводот Росоки-Дебар, проблемот со потребата за чиста вода за пиење е целосно надминат.
Спомен куќата на големиот Ататурк привлекува се повеќе туристи
Подобрената патна инфраструктура секако придонесува и во развој на туризмот бидејќи ова подрачје располага со многу природни убавини, но во селото Коџаџик и Спомен куќата на таткото на современа Турција, Мустафа Ќермал Ататурк, од каде потекнува неговиот татко Али Риза ефенди. Нашите очекувања се, бројот на туристите, посебно од Република Турција да се зголеми за што веќе размислуваме и за изградба на смесувачки капацитети, вели универзитетскиот професор Фехми Скендер, претседател на Советот на општината.
На истото место каде што неговиот татко Али Риза, паѓајќи од мајчината утроба првпат го видел светлото на денот, таму каде што останал само по некој камен од темелите на старата татковска и дедовска куќа, пред четири години никна спомен куќата на творецот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Таа е потврда дека големиот Ататурк потекнува токму од ова парче македонска земја.
- Целокупниот комплес кој се состои од спомен куќа и роднинска куќа на семејството на Ќемал Ататурк, се протега на 20.000 квадратни метри и поседува меморијално-изложбен сегмент, односно простор за трајна презентација на експонатите, како и изложбен простор за времени поставки преку кои посетителите се запознаваат со животот на Ататурк. Во семејната куќа постојат соби на родителите на Ататурк и на неговите роднини со поставени восочни фигури. Спомен куќата е неспорлив доказ за трајното пријателство меѓу Република Македонија и Репубика Турција, оценува Скендер.
За жителите на Kоџаџик изградбата на спомен куќата е потврда на историјата.
- Она што е најбитно е тоа што реализацијата на проектот за конзервација и реконструкција на спомен обележјето, е потврда на историјата, дека големиот Ататурк е по потекло од нашето село, но и вечното пријателсвто меѓу македонскиот и турскиот народ, вели Ерџан Изет, жител на Коџаџик.
За потеклото на Ататурк од раскажувањата на неговиот татко се сеќава и дебранецот Аќиф Дуракоски.
-Дедо ми Ислам Дурак, потекнува од селото Kоџаџик, Горна Жупа. Kако и многумина од овој крај и тој заедно со Али Риза Ефенди, таткото на Мустафа Kемал Ататурк, со кого биле и соседи и добри пријатели, побратими заминале за Солун. Почнале да работат и се стекнале со голем имот. Татко ми Дурак, кажуваше дека дедо ми за жал го убиле, но неговиот побратим Али Риза Ефенди продолжил со работата во Солун, каде се оженил со Зебеиде Ханам, каде и е роден Мустафа, посочува Дураковски.
Со изградбата на спомен куќата, голем број туристи и почитувачи на делото на големот Ататурк го посетуваат ова место, кое изобилува со прекрасна природа која Бог ја дарувал. Кон ова секако и податокот дека до сега Музејот го посетиле повеќе од седум илјади туристи, поголемиот број од нив од Република Турција, меѓу нив и турската амбасадорка во нашата земја Тулин Еркал Кара.
Спомен куќата може да се посети секој ден од 9 до 17 часот освен понеделник.
Коџаџик е познат и по кулата или Светиград, древномакедонска, римска и средновековна утврдена населба. Се наоѓа северозападно од селото, на голема височинка што има доминантна положба над пространата територија на Жупа, со можност за контрола на комуникациите во неа. На самиот врв, кој има стрмни карпи и зарамнето плато, постојат остатоци од утврдена населба. Одбранбениот бедем на калето е граден од големи камени блокови во сувоѕидица. На ова место се водела најголемата битка меѓу османлиската и војската на Скендербег, која започнала на 14 мај 1449 година. По многубројните порази на Османлиската империја во Албанија, султанот Мурат II одлучил да предводи огромна војска која конечно ќе му нанесе пораз на Скендербег. Главната цел на султанот била да ја освои твврдината во Светиград. Скендербег се обидел да му пружи отпор на султанот, но сепак на 31 јули бил принуден да ја отстапи тврдината на Турците.
Елени Каринте единствената и непреболена љубов на Ататурк
Големиот воин, за Македонија го поврзува и неговата голема, неостварена и никогаш непреболена љубов што ја доживеат во Битола.
Приказната од крајот на 19 век, за неостварената љубов помеѓу убавата битолчанка Елени Каринте и младиот Мустафа Кемал Ататурк, кои многумина ги нарекуваат балканските Ромео и Јулија, денес станува незаобиколна туристичка атракција во Битола. Турските туристи минуваат илјадници километри, да ја посетата спомен-собата во битолскиот Музеј, да се фотографираат под балконот на Каринте, каде е исплетена можеби најголемата љубовна сага на овие простори, но и да го читаат писмото што таа му го напишала на Ататурк.
Ова е дел од писмото за кое се верува дека пред повеќе од еден век му го напишала битолчанката Елени Каринте на младиот Мустафа Кемал, кој учел во воената гимназија во Битола.
- Младиот кадет Мустафа во 1896 година, доаѓа од Солун да учи во воената гимназија во Битола. Честопати шетал по Широк Сокак, а едно попладне пред Велигден во 1897 година, на балконот од куќата на богатиот трговец Ефтим Каринте, која и денес постои на аголот од улицата, веднаш наспроти хотелот Епинал, ја забелжал убавата Елени, негова врсничка. И девојката не останала рамнодушна, па крадешкум, таму од балконот и таа фрлила поглед на стројниот Ататурк, висок, со убав стас и сини очи. И така Мустафа секој ден минувал пред куќата, а Елени го чекала на балконот. Меѓу нив се распламтила силна, но забранета љубов. Девојката за да биде со него, побегнала преку визбите на куќата. Заедно заминале надвор од Битола, но таткото на Елени, Ефтим, ги фатил ја затворил девојката дома, а потоа, купил куќа во Лерин. Насила ја однел таму, со намера да ја омажи за друг човек, вели младата скопска актерка Николина Василевска, која по дедо потекнува токму од Коџаџик, кој ја научил добро да говори турски.
На балконот на Елени, Василевска ја изведе и монодрама „Големата љубов на Елени“, 50-минутнен перформанс, во кој таа го чита и писмото кое вљубената битолчанка Елени му го напишала на Мустафа Кемал Ататурк.
Се пренесува дека Елени никогаш не се омажила, доживеала длабока старост, а до крајот на животот, неколку пати во годината примала чекови од странство. Починала во Лерин на 80 години.
Мустафа Кемал подоцна стана прв претседател на Турција, творец на модерната турска држава, поради што го добил името Ататурк, татко на нацијата. Се оженил со Латифе Ханам, но бракот траел само две години. Ататурк и Каринте не се сретнале никогаш повеќе.
Тоа е судбината на големиот Ататурк, кој корени влече, од тука, од ова парче македонска земја, селото Коџаџик, светлото на денот првпат го видел во Солун, неговото лавовско срце засекогаш останало заробено кај преубавата битолчанка Елени Каринте, а душата на Бога му ја предал во Истамбул.
Без дебарското турско село Коџаџик-Турција можеби немаше на постои!!
- Како припадник на турската заедница во Република Македонија, особено сум горд, затоа што токму во нашата земја е роден таткото на творецот на Република Турција - Али Риза Ефенди. Слободно можам да кажам оти без македонското турско село Коџаџик, можеби Турција и воопшто не би постоела.
Ова се зборовите на познатиот поет Илхами Емин, кој во една прилика изнесувајќи го, како што вели неговото скормно мислење, посочи оти Република Турција е вечна должничка на Македонија, која нам на Турците ни го подари творецот на Република Турција, големиот светски лидер и човек Мустафа Кемал Ататурк.
Вера Тодоровска