Јапонскиот тенисер, Кеи Нишикори истакна дека очекува тежок четвртфинален натпревар против српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на Вимблдон.
Ова ќе биде нивен 16-ти меѓусебен дуел, при кои Ѓоковиќ досега има триумфирано дури 13 пати. Двајцата тенисери првпат ќе играат меѓусебе на тревна подлога.
- Новак секогаш играл добро на трева. Станува се подобар и можам да забележам дека повторно е силен. Не можам да се сетам дали воопшто сме играле на ваква подлога, но во секој случај ова ќе биде натпревар сам за себе...Секогаш имам чувство како да сум во војна со него. Уживам во тоа, иако немам добри резултати. Сакам да играм против него, бидејќи е еден од најдобрите во светот, истакна Нишикори.
Јапонскиот тенисер, исто како и Ѓоковиќ, се обидува да се врати во својата врвна форма, откако го пропушти крајот на минатата сезона поради повреда.
- По повредата секогаш се мачите. Бев во таква ситуација. Потребно е да бидете мотивиран, дури и повеќе од претходно. Знам дека Новак сака да се врати во врвната форма, наведе јапонскиот тенисер.
Нишикори досега никогаш не играл полуфинале на Вимблдон, додека Ѓоковиќ седумпати се нашол меѓу четирите најдобри тенисери на овој турнир.