Кривични пријави и притвор заработија шетмина крадци од Скопје за разбојништво и тешки кражби сторени во Аеродром и Центар. Кражбите ги сториле од 15 јуни до 8 јули оваа година, а оштетиле осум лица од Скопје кои биле „олеснети“ за околу 3.500 евра.

Како што соопшти МВР, Секторот за внатрешни работи Скопје до ОЈО Скопје поднесе две кривични пријави, првата во која се опфатени лицата: Н.С. (27), О.С. (22), и М.Н. (29) и втората против лицата - С.Б. (31), А.З. (40), Е.А.(33), инаку сите од Скопје, а поради постоење основано сомнение дека во текот на минатиот и почетокот на овој месец сите пријавени сториле вкупно осум кривични дела од областа на имотните деликти.

Пријавените Н.С., О.С. и М.Н. во период од 15 јуни до 2 јули во централното градско подрачје како и во населба Аеродром извршиле едно кривично дело - „разбојништво“ и пет кривични дела - „тешка кражба на особено дрзок начин“, при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 169.000 денари. Притоа, освен кривичното дело “разбојништво“, извршено во ноќните часови и со заканa со нож, овие тројца пријавени другите кривични дела ги извршиле во работен ден во пладневните часови, на отворен простор и на истоветен начин: користејќи моторцикл и со движење од позади грб им приоѓале на оштетените, кои се движеле по тротоар или стоеле на автобуска постојка, им ги одземале чантите и мобилните телефони кои им биле во раце, по што бегале.

Полицијата извршила претрес во домовите на пријавените каде што се откриени предмети што потекнуваат од извршените кривични дела. Н.С. и О.С. се лишени од слобода и во службен разговор во полициска станица тие двајцата во целост го појасниле начинот на извршување на кривичните дела.

Со втората кривична пријава против С.Б., А.З. и Е.А. тие се сомничат за две кривични дела - „тешка кражба“, извршени во ноќните часови на 7 јули спроти 8 јули во Градскиот парк. Откако со свое возило се паркирале до возило кое им било објект на напад, го кршеле задниот прозорец, по што од возилата одземале чанти, мобилни телефони, паричници, брендирана облека и друго. Тие се приведени во полициска станица, а извршен е и претрес во домовите на осомничените при што пронајдени се предмети што потекнуваат од извршени кривични дела.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 10:46