Центарот за јавно здравје во Прилеп ги доби резултаите од испитаните примероци на водата од резервоарот крај јавната чешма во селото Стровија во општина Долнени каде непознато лице пред три дена истурило црна течност.
Според д-р Петар Оханесијан, специјалист по хигиена анализираните примероци немаат никаква физичко-хемиска промена, ниту заматување на водата.
- Водата одговара на испитаните физичко-хемиски параметри и нејзините особини се органолептички својствени за тој вид примероци. Нема промена ниту на мирисот, на вкусот, ниту на бојата и нема заматување, вели доктор Оханесијан.
Водата од резервоарот не е хлорирана. Во примероците земени за испитување нема никаква промена, ниту трага од друга супстанца. Инаку, селото Стровија во општина Долнени има локален водовод.
Според СВР Битола, во периодот од 7 до 9 јули непознат сторител делумно ја отстранил бетонската покривка од резервоарот за вода на јавната чешма во центарот на селото Стровија и истурил непозната црна течност и заминал. Полицијата го испитува случајот.