Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска присуствуваше на свеченото отворање на новиот објект за згрижување на предучилишни деца „Буба Мара“ кој функционира во рамките на Јавната општинска установа детска градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци.
Таа рече дека МТСП во рамките на својот буџет обезбеди средства од над 1,4 милиони денари за опремување на просторот.
- Сите сме свесни дека во европските земји токму предучилишното образование дава подобар старт во основното и во средното образование и попродуктивни граѓани. Токму затоа јас сум среќна што во Кавадарци имаме можност да отвориме објект кој ќе згрижи 75 деца и ќе обезбеди дополнителни вработувања, нагласи министерката информирајќи дека Општината го изгради објектот.
Таа додаде дека соработката помеѓу општините и Министерството во наредниот период исто така ќе се збогати околу активноста за проширување на капацитетите.
- И сите заедно ќе бидеме сведоци дека ќе ја постигнеме владината цел, а тоа е зголемување на 50 проценти на опфатот на деца од предучилишно образование. Главната задача која ја имаме наследувајќи еден разнишен систем е да ги зголемиме капацитетите преку изградба и адаптација на објекти, рече Царовска.
Таа додаде дека МТСП посветено продолжува да работи на изградба на нови, но и реконструкција и адаптацијата на веќе постоечки објекти со цел да ги подобри условите за згрижување на деца. Обезбедени се 931 вработување во градинките, а до крајот на годината вкупната инвестиција во изградба, опремување и адаптирање ќе биде 71 милион денари.
Градоначалникот Митко Јанчев се осврна на тоа дека општината веќе некое време се соочува со проблем кога е во прашање сместувањето на деца во детските градинки.
- Од самиот почеток наш приоритет е создавање на услови и дополнителен капацитет за сместување на децата од предшколска возраст. Денешното пуштање во употреба ќе значи почеток на надминување на проблемот, нагласи Јанчев.
Во исто време, какошто додаде, се работи и на уште неколку проекти за дополнителен капацитет на сместување на уште 250 деца, што значително ќе го намали проблемот.
Градоначалникот изрази голема благодарност до Министерството на соработката и напорното заедничко работење за создавање услови за безбедно и удобно сместување на децата.
Пред присутните се обрати и директорката на градинката Цана Добринова. Таа се осврна и на донаторите кои помогнале при отворањето на објектот „Буба Мара“. Градинката ќе опфати и деца на возраст од три до шест години.Со децата ќе работат три воспитувачки, три негувателки и три лица технички персонал. Објектот ги задоволува потребните услови. Внатрешниот простор опфаќа три занимални и неколку помошни простории.