Општина Новаци и пограничната општина Аминдео од Грција, денеска почнаа со реализација на заедничкиот проект „Одржливо менаџирање на агро отпадот за загревање на рурални области“.

Градоначалникот на општина Новаци, Љубе Кузманоски истакна дека првиот работен состанок се одржа во Аминдео и договорен е начинот на комуникација и соработка меѓу партнерите во проектот. Општина Новаци, посочи, се соочува со проблем во однос на менаџирањето со агро-отпадот.

- Општината менаџира со голем број на одводни канали, во чии корита неконтролирано расте трска, шамак и трева, кои доведуваат до нивно затнување. Заради тоа, ќе се создаде синџир на снабдување со отпад до селектирани корисници кој ќе се користи како гориво за загревање на детската градинка во Новаци. Синџирот за снабдување ќе вклучува собирање на отпад, негов третман со цел да биде компатибилен за согорување во котел за биомаса. Создавањето на одржлив синџир на снабдување ќе го трансформира агроотпадот во корисно обновливо гориво што би резултирало со очигледен еколошки и економски бенефит, посочи Кузманоски.

Додаде дека за да можат да го реализираат овој процес ќе набават опрема односно трактор со приколка, машина за балирање, хидраулична машина за чистење на канали и речни корита, котел за греење и друго кое се овозможува преку овој меѓународен проект.

Главен партнер во проектот е „Депета“, општинско претпријатие за загревање на поширокиот регион на Аминдео, а партнери од грчка страна се и Центар за обновливи извори на енергија и заштеда CRES и Кластерот за бионерегија и животна средина CLUBE, додека од македонска страна водечки партнер е општина Новаци, додека како партнер ќе партиципира и Агенција за поддршка на развојот за земјоделството со седиште во Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 15:37