Дека културата не познава граници уште еднаш покажаа и докажаа шестмината грчки и петте македонски уметници што минатата недела твореа во Струга во рамките на првата македонско-грчка ликовна колонија „Културен мост“ што се одржа во организација на здружението на граѓани „Концепт“.
На колонијата учествуваа Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска од Македонија и нивните грчки колеги Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис. Уметниците беа придружувани од тројца млади талентирани сликари од Струга.
Распослани на терасата на еден струшки хотел преку дружба, несебична размена на искуства, некои со свои теми, а некои инспирирани од убавините на Струга, Охридското Езеро, реката Црн Дрим создаваа дела кои беа прикажани на изложба во Чифте Амам во Скопје.
Уметноста не познава граници
За уметниците не постојат граници, ниту држави, вели грчкиот сликар Корнилиос Граменос. За нив не постои ниту ред. Уметниците, според него, се едно и ги рушат сите граници и бариери.
- Уметноста не познава граници. Уметниците сакаат да ги срушат сите граници, да можеме да бидеме заедно. И овој настан го покажува тоа. Сите артисти се еднакви. Креативноста нема граница и што е многу важно уметниците ја отвораат свесноста и животот во генерална смисла на зборот. Бидејќи животот е многу поважен од политиките, истакна Граменос.
Инспирација за неговите дела добива од природата и луѓето, односно свеста кај човекот. Неговото мото е да се отвори свеста кај луѓето и преку цртежите ја отвара свеста на Земјата. Според Граменос, земјата е најважна за нашиот живот. Неговото платно беше обоено со ливади, земја и вода. Тоа го работел последните години, бидејќи како што рече, верува дека земјата е најважна за живот.
- Природата и свесноста кај човекот се главно најзастапени во моите дела. Кога човечкиот мозок е поширок може да се спротивстави со овие проблеми кои ги имаме денеска. Една личност која има затворен ум не може ништо добро да прави. Може да прави само негативни работи. Во спротивно може да постои солуција. Токму затоа културата е многу важна во светот во овој период во уметноста, литературата, сликарството, театарот... Многу е важно кога човечкиот ум е отворен, смета Граменос, кој најави дека повторно ќе дојде во Струга.
И неговиот колега од Атина, Ангелос Скуртис се пофали дека си поминува многу убаво, воодушевен од дружбата со македонските колеги.
- Имам неверојатно искуство со овие луѓе тука. Македонија е една многу убава држава што не ја знаев до сега. Сите се многу добри, пријатни, љубезни и многу ми се допаѓа тука, рече Скуртис.
За себе вели дека е искрен човек и сака да е искрен со луѓето. Во Струга тој сликаше полов акт, еротична сцена. Инспириран од човечките врски на оваа тема сликал подолго време.
Жената инспирација во творештвото на младата графичарка
За тоа дека културата и уметноста ги поврзуваат луѓето говореше и Шќипе Мехмети, млад графичар од Кичево. Таа вели дека за да се разберат меѓусебно не е потребно познавање на јазикот на другиот, туку уметниците лесно може да се изразат преку своите дела. Иако 10 години не учествувала на колонии, кога ја поканиле почуствувала дека треба да дојде и не жали за тоа. Воодушевена од дружбата раскажува за научените работи од поискусните колеги и со нетрпение чека да оди во Атина на возвратната колонија што треба да се одржи во рамките на проектот „Културен мост“.
- Идејата за организирање ваква колонија е прекрасна и се надевам дека во иднина ќе има повеќе слични проекти. Културата и уметноста секогаш ги спојуваат луѓето и не мора да користиш јазик кога можеме многу лесно преку уметност да се изразиме. Би сакала што поскоро да одиме во Грција и да видиме како е во Атина нивните дела, изложби, музеи..., вели Мехмети.
Инспирација во нејзиното творештво е жената и преку графиката го покажува секојдневиот живот на жената. Не остана незабележана жената во Струга, но она што и остави посебен впечаток беше соживотот во овој град, што нагласи дека го забележале и гостите од Атина.
- Најчесто ме инспирира животот, секојдневието. Моментално во фокусот на она што го работам е жената на Балканот, менталитетот, потребите на жената, сексуалноста и жената како жртва на семејно насилство. Жената пред се треба да биде мајка, сопруга, па после да се развива на професионално ниво, за жал. На колонијата се изразив на оваа тема жената, но ме инспирираа и жените во Струга, религијата и ги пренесувам во цртежот преку графиката. Она што ме допира и инспирира во Струга е соживотот на луѓето. Тоа е еден феномен што го немаат многу градови, истакна младата графичарка.
Антимилитаристички перформанс на Рамиќевиќ
Езерото и реката Црн Дрим позитивно влијаат на работата на професорот по вајарство Исмет Рамиќевиќ, а позитивните вибрации ги надополнува и дружбата со колегите, вели тој. Неговиот перформанс „Змија“ Стружани имаа можност да го видат во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. На свој начин Рамиќевиќ создава дела и потоа ги уништува. Преку перформанс, кој поседува, како што појасни милитантни моменти, испраќа порака.
- Се работи за куршум што го уништувам. Покрај ликовни во перформансот има и музички моменти, каде се свири македонска музика и тоа сакам да го презентирам пред колегите од Грција за да видат што работам, појасни Рамиќевиќ.
На своите грчки колеги им раскажал за неодамнешната изложба посветена на нашиот поет Кочо Солев Рацин во Домот на културата во Скопје, во која повторно преку перформанс преработува тутун и со посебна алатка прави цигара.
- Целата изложба беше од тутун. Во еден сегмент од изложбата тутунот го уништувам. Тутунот го преработувам и покрај боите на тутунот, во ателјето поставена е алатка со која може да се направи цигара и Грците чуствуваат еден момент каде еден уметник уништува уметничко дело и создава ново. Им објаснив и за поезијата на Рацин, за концептот и како пушачите со задоволство тутунот го пушат, раскажа Рамиќевиќ.
Тој нагласи дека е човек - космополит и оти тагува за секоја трагедија во светот.
- Многу сум тажен и се борам за некоја благосостојба и затоа работам такви перформанси, рече познатиот македонски вајар.
Дружбата на македонските и грчките уметници треба да продолжи во втората фаза од проектот „Културен мост“ со ликовна колонија во Атина.
Слаѓана Стојкова Костоски