Општинската комисија за проценка на штетите од елементарните неподоги во Прилеп објави повик до земјоделците и сите граѓани да достават барања за штети што ги претрпеа од невремето во понеделникот, проследено со силен ветер и град, што го зафати атарот на селата Големо Коњари и Мало Коњари.

Како што информира претседателот на општинската комисија, Жарко Северкоски граѓаните може да ги доставуваат своите барања до Општина Прилеп или до претседателите на месните заедници на двете населени места од денеска па се до среда, 18 јули.

По евиденцијата на барањата, претставници на комисијата ќе излезат на терен заедно со стручни лица – агрономи од подрачното Министерство за земјоделство и ќе ја утврдат причинетата штета по парцели.

- Комисијата ќе излезе на терен по доставување на барањата од производителите, односно од лицата чии што насади претрпеле штети. Ќе се изврши проценка и ќе се утврдат штетите. Евиденцијата со проценката на штетите ќе биде доставена до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по што Владата ќе врши исплата на отштетата согласно со законските регулативи, вели Северкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2018 16:35