Охрид од вечерва се до 20 август ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи фестивалот „Охридско лето“. Со најпознатите италијански и француски арии за сопран и тенор во изведба на романските уметници Елена Мошуц и Калин Братеску, во придружба на уметниците од Македонската филхармонија предводени од маестро Николае Молдовеану, вечерва на Античкиот театар беше отворено годинашното издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој ја искорсти можноста на уметниците што ќе бидат дел од фестивалската магија да им посака кога ќе заминат со себе да ги понесат сеќавањата на Охрид како македонско огледало на европската култура.
Иванов истакна дека од вечерва па натаму светот е во Охрид и Охрид е во светот. И ова заемно пребивање вечерва ќе започне со универзалниот јазик на музиката...
- Тој јазик не се преведува, бидејќи секоја душа непосредно го разбира. Моќниците низ историјата попусто се обидувале да го сведат тој јазик на средство за остварување на своите себични цели. Попусто се обидувале преку уметноста на лагата и политичката коректност да го поробат човекот. Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта, нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле, рече Иванов.
Претседателот уште потсети на зборовите на еден од татковците на Европа, Жан Моне, кој рекол дека ако Европа треба одново да се создава, тогаш треба да се започне со културата, со уметноста.
- Оваа мисла на Моне се однесува не само на Европа, туку и на сите геостратегии што се кројат во светските центри на моќ, особено имајќи предвид дека годинава се слават 70 години од Универзалната декларација на човековите права. А едно од тие права е и правото на учество во културата и уживање во уметноста, порача Иванов.
Свое обраќање пред публиката имаше и министерот за култура Асаф Адеми, кој истакна дека се чувствува посебно почестен што како служител т.е. министер на уметниците, го има задоволството да им се обрати ним, а и на публиката како и на поддржувачите на најреномираниот музичко-сценски фестивал во земјата па и во регионот.
- Уметноста е универзалниот јазик на светот. Велат дека јазикот е измислен од човекот за да ги искаже своите чувства, но реално го употребува повеќе за да ги сокрие истите, да лаже, да убие. Само во јазикот на уметноста сé е искрено, чисто...божествено. Да уживаме во овие месеци на универзалниот и божествениот јазик на уметноста и да се просветлиме малку во овие времиња кога ни е најмногу потребно. Драги уметници, сцената е ваша, донесете ни го убавото и возвишеното во нашите животи, порача Адеми.
Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе актерот Никола Ристановски, кој рече дека уметноста нема да го спаси светот, оти сите нејзини музи веројатно не можат да го направат многу подобар ниту многу поправеден животот во него, но истовремено забележа дека животот без уметност е далеку потежок.
- Уметноста нема да се предаде. Таа е последната хумана интернационала. Нејзината палуба е последното место каде навистина сме заедно. На нејзиниот кораб се распнати едрата на убавината, дарбата, прозрачноста, слободата и едноставната верба. Верба на дете што некогаш само за миг, ја прекинува својата детска игра за да откине парче леб од ноќвите, колку да не заборави на животот. На оној кој навистина се случува, рече Ристановски истакнувајќи дека токму вонвременскиот Охрид е нејзино природно пристаниште.
Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, создаваат уметност на неколкуте фестивалски сцени во Охрид. Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста, а Охрид од вечерва па се до 20 август ќе биде центарот на светските уметнички дострели, обединувајќи ги музиката и театарот во трајни аудиовизуелни импресии.
Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби, ликовна, изложба на фотографии и онаа на модерен накит.
Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Д’Квин Сикс“ од Велика Британија, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.
Драмската програма започнува утре, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија.
Фестивалот „Охридско лето“ својата биографија почна да ја испишува во далечната 1961 година, со концертот на незаборавната Ана Липша-Тофовиќ, која на фестивалот му врежа љубов, но и вечност.
Потпирајќи се на долгата богата традиција, „Охридско лето“ без сомнение чекори кон нови предизвици достигнувајќи ги највисоките врвови во музичката и драмската уметност во светски рамки.
Фестивалот е дел од семејството на Европската асоцијација на фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата - културна Европа со заеднички врвни културни вредности.
„Охридско лето“ денес претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Република Македонија, манифестација која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин не промовира ширум светот