Драмскиот дел од програмата на годинашното „Охридско лето“ почнува вечер со претставата „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристеска-Петрушева и во изведба на актерска екипа на НУЦК „Народен театар“ од Охрид.
Претставата е емоционално патување низ комплексноста на семејните односи, болен крик за неспособноста на човекот да љуби. Како што вели режисерката Ристеска-Петрушева - „Стаклена менажерија“ е претстава за комплексите, несигурноста и суровоста на современиот човек, кој сосема го загубил чувството за солидарност и сочувство кон послабиот, сето прикажано во современиот либерален капитализам кога хуманоста полека исчезнува...
Претставата ќе се игра на матичната сцена на Охридскиот театар во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.
Фестивалот „Охридско лето“ своето 58-мо издание го почна синоќа со голем концерт на сопранот Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, во придружба на Македонската филхармонија на Атничкиот театар.
Публиката имаше несекојдневна можност да ужива во изведбите на познатите оперски арии на Џакомо Пучини, Шарл Гуно, Пјетро Маскањи, Винченцо Белини, Џузепе Верди... Оперската певица Мошуц специјално за публиката на „Охридско лето“ ја изведе и композицијата „Македонско девојче“ што дополнително ги одушеви посетителите на Антички.
Магичната прва фестивалска вечер со италијанските и француските арии беше заокружена со голем огномет над Охридското Езеро.