Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, во соработка со софтверската компанија G6 Solutions од Скопје, го изработија првиот аудиоводич за археолошки локалитет во Република Македонија, кој од вчера е ставен во употреба. Водичот е за локалитетот Стоби и е достапен на мобилната апликација Stobi audio guide.
Апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап.
- Аудиоводичот ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин. Стоби е една од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и, за потребите на посетителите, покрај туристички водич за посетителите на локалитетот, отсега ќе може да се користи и мобилната апликација Stobi audio guide, која е достапна за Андроид и ИОС оперативни системи, на македонски и на англиски јазик, изјави Митко Тутковски, в.д. директор на НУ Стоби.
Автори на текстовите за водичот се дел од вработените во НУ Стоби: Димитар Николовски, Мишко Тутковски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска. Наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а автор на преводот и наратор на англиски јазик е Димитар Николовски.