Градот Охрид стартот на главната туристичка сезона ќе го означи со „Бела ноќ“, манифестација што ќе понуди богата забавна програма со бројни музички содржини и настани до раните утрински часови.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција по повод манифестацијата, „белата ноќ“ ќе се случи утревечер, со почеток на забавата од 18 часот. На Градскиот плоштад ќе настапат ди-џеј Гец и локални ди-џеи се до 21 часот, кога пред гостите во Охрид ќе се обрати градоначалникот Јован Стојаноски.

Потоа следува уште еден музички блок, забавата ќе продолжи со концертот на Масимо Савиќ на Античкиот театар од 21 часот што ќе биде пренесуван директно на видео-бим и на Градскиот плоштад.

По концертот на Масимо ќе продолжи забавата на главната бина со ди-џеј Nasty DeLuxe, по што ќе следува и сетот на ди-џеј Jane. Веднаш по него ќе се претстави ѕвездата на вечерта – германскиот суперстар ди-џејот Tomcraft, додека забавата ќе ја заокружи ди-џејот Regie Rules.

За цело време на „Белата ноќ“ низ градот ќе настапуваат и уметниците од годинешниот Баскер-фест. Атракција во текот на целата вечер ќе биде главната бина која ќе биде поставена на брод на Охридското Езеро, на која ќе има и голем видео-бим и соодветно озвучување. Украсен ќе биде и градот, патеката што води од Плоштадот до Античкиот театар ќе биде одбележана со бели ленти, како и соодветен промотивен материјал.

Градоначалникот на Охрид преку медиумите упати порака до граѓаните да имаат разбирање, активно да се вклучат во манифестацијата и со своето однесување да се претстават како добри домаќини.

- Основната идеја за организирањето на овие настани е градот да живее во еден здив, да се отворени сите угостителски објекти, а се очекува да има и соодветени намалени цени на услугите, рече Стојаноски истакнувајќи дека во интерес на сите граѓани на општината е Охрид пред гостите да го оправда епитетот главен и најголем туристички центар во државата.

За оваа сезона предвидени уште доста културно-забавни манифестации организирани од Општината, како концертот на Цукеро на 25 јули, концертот „Трибјут то Пинк Флојд“ на 26 јули, ден потоа е концертот на Северина, на 28 концерт на Светлана Ражњатовиќ, потоа Димитри Вегас и Лајк Мајк на 1 август, Роџер Санчез на 2 август, Марија Шерифовиќ на 3 август и Армин Ван Бјурен на 4 август. Тука се и настапите на Владо Јаневски, Каролина Гочева, Влатко Стефановски, „Синтезис“ и многу други познати имиња од музичката сцена.

- Сметам дека сите овие настани се гаранција дека Охрид летово ќе биде топ дестинација, а со понудените содржини е покриена широка популација. Сита активности се во рамки на креираната кампања „Сите во Охрид – лето 2018“, истакна Стојаноски.

Претставниците на „Авалон“ продукција, кои се вклучени во организирањето на музичката програма и за оваа летна сезона истакнаа дека максимално се вложиле за да успеат во Охрид да донесат толку познати имиња од светската музичка сцена.

- Она што би го ставил како фокус се концертите во рамки на „Охрид колинг“. Тие три дена, во тој период евент-фестивал на такво ниво има само во Охрид и на езерото Балатон во Унгарија. Димитри Вегас, Лајк Мајк и Ван Бјурен се премиум ди-џеи и моментално најголеми звезди ова лето, рече Бобан Милошески, сопственикот на „Авалон“. Тој исто така упати апел до граѓаните на Охрид да имаат толеранција за гужвата, гласната музика тие денови нагласувајќи дека придобивките од организирањето и одржувањето на такви настани се огромни, доколку се има предвид главната цел - подобра туристичка понуда.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2018 13:25