Амбасадорот на Австрија, Ренате Коблер денеска се сретна со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. На средбата стана збор за можната, идна соработка на културен и економски план.
Амбасадорката Коблер истакна дека е задоволство да се посети општина Куманово, нагласувајќи дека ова е прва посета откако овој месец Австрија го презеде претседавањето со ЕУ. Таа изрази задоволството од посетата и информираше дека разговарале за повеќе теми, меѓу кои и за мултиетничноста на Куманово и за економските прашања.
- Можам да ве уверам дека предизвиците со кои се соочува Куманово ги дели со остатокот од Европа и со Австрија. Сакам да порачам дека Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ, отсега и дека Австрија ја има ставено на врвот од својата приоритетна листа, рече амбасадорката.
Градоначалникот Димитриевски истакна дека со амбасадорката разговарале и за можна културна сорабтка, но и за економска соработка со одредени правни субјекти од Куманово.
- Беа отворени теми и со австриското претседателство со ЕУ и најавената поддршка од нивна страна и за Република Македонија и за општина Куманово. Разговаравме и за Куманово, што значи градот за Република Македонија, поради мултиетничноста, како се развива, шири, за идните проекти, заштитата на животната средина и она што значи модерно и урбано живеење, додаде Димитриевски.