На располагање ни стојат околу 473 илијади евра кои планираме да ги искористиме до крајот на годината од кои 130 илјади евра ќе бидат повторно инвестиција за овој реон, овој дел од Крива Паланка со кој ќе се направи премостување на базенот за наводнување и поврзување на водоводната мрежа со населба Домачки Дол. Остатокот од средствата ќе бидат употребени за дигитализација на водомерите во Крива Паланка.
Ова денеска го изјави градоначалникот Борјанчо Мицевски по средбата со министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и министерот за земјоделство, шумартсво и водостопанство Љупчо Николовски.
Тој информира дека со инвестиција во овие проекти ќе биде намалена загубата на вода, ќе се постигне намалување на времето потребно за отчитување на бројната состојба на потрошени кубни метри вода, со што ќе се придонесе за поголема ефикасност во работењето на јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка.
- Крива Паланка како погранично место гравитира кон Република Србија и Република Бугарија, па во претстојниот период заедно со централната власт ќе работиме на подобрување на патната инфраструктура која води до самите гранични премини, но и за она што се нарекува незавршена патна инфраструктура, додаде Мицевски.
На средбата разговарале и за меѓуопштинското поврзување, изградба на патниот правец рудник Тораница-Македонска Каменица, како и поврзување со хидросистем Злетовица.
Според Мицевски, заедно со Министерството и Владата се овозможуваат капитални инвестиции кои се приоритетни и од интерес на граѓаните.