Со изведување на свадбените ритуали и со венчавката на младенците Тања Лепческа, со потекло од Галичник и Златко Димовски во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ завршува традиционалната Галичка свадба, една од најспектакуларните културни манифестации во земјата.

Лепческа од својата петта година учестува на манифестацијата, а Димовски вели дека е подготвен и добро ги совладал обичаите карактеристични за Галичката свадба.

Месната заедница „Галичник“ е организатор на манифестацијата, а покровител годинава е премиерот Зоран Заев кој денеска ќе им се обрати на присутните гости. Во Галичник ќе присуствуваат и вицепремиерите и министри за внатрешни работи и за одбрана, Оливер Спасовски и Радмила Шеќеринска, министрите за култура, за комуникации, отчетност и транспарентност и за дијаспора, Асаф Адеми, Роберт Поповски и Едмонд Адеми, заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и Националниот координатор за развој на културата Роберт Алаѓозовски.

Галичката свадба годинава се одржува по 45-ти пат, а почна синоќа со поставување на свадбарсккот бајрак и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). Неговата мајка ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, а потоа го води свекрвиното оро. Вечерта има една импресивна слика кога зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на младата. Тоа симболично го означува терањето на демоните што би можеле да го следат младиот пар. Свитата со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде младата за последен пат како немажена ги полни бокалите со вода.

Рано изутруинава се канат мртвите на гробишта и се оди до куќата на кумот од кого зетот бара благослов. Највпечатлив обичај е бричењето на зетот што означува не­гова трансформација од момче во маж. Потоа следува потстрижување. Во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство. По овие обичаи следува одењето до куќата на невестата. Таа облечена во традиционална га­лич­ка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.

Качена на коњ невестата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито, погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која слегува од коњ и по прострената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле“, невестата се носи на вода на чешмата „Упија”, потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката” и по завршувањето на свадбарските обичаи тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.

Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Учесниците го имаат само тој услов, да бидат облечени во автентична галичка носија за учество во „Галичка свадба“. Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и накитот изработен со филигранска прецизност и уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови. На манифестацијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

Во пресрет на 45. Галичка свадба на платото пред чешмата Упија во Галичник завчера се одржа концерт на Влатко Стефановски, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд офф“, со што почна и Галичкото културно лето.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2018 17:11