Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се закани дека Турција ќе ја избрише секоја клетка на Фетулахистичката терористичка организација (ФЕТО), која е обвинувана дека стои зад обидот за преврат во земјата, извршен на денешен ден пред две години.
Ердоган говореше по приемот во претседателската палата Бештепе во Анкара, на кој присуствуваа блиски на загинатите и учесници во отпорот против превратот.
Според него, исто како Курдската работничка партија (ПКК) и Исламска држава, организацијата на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен вложува напори да им наштети на единството и на иднината на Турција.
- Секое дете кое не ја познава сопствената религија, националноста, јазикот или државата, е потенцијална цел на терористичките групи, рече шефот на државата.
- Ние нема да заборавиме и нема да дозволиме да се заборави 15 јули, рече тој.
На 15 јули 2016 година, при обидот за државен удар во Турција, беа убиени околу 250 лица, а околу 2 200 беа повредени. За пучот Анкара го обвини исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен и неговото движење, кое во Турција е наречено ФЕТО - Фетулахистичка терористичка организација.