Македонскиот игран филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески од четврток ќе се прикажува во грчките кино сали. Својата кино премиера филмот ќе ја има во едно од најстарите кина во Атина - „Трианон“.
„Исцелител“ е прв долгометражен филм во македонско-грчка копродукција и е единствениот македонски филм добитник на награда на престижниот Солунски филмски фестивал.
Кино дистрибуцијата на „Исцелител“ во Грција следува по освоените девет меѓународни награди, учеството на 24 светски филмски фестивали низ Европа, САД, Кина и Азија, телевизиското и интернет емитување на ХБО и Синема Ворлд, како и успешното прикажување пред домашната публика во 17 градови низ Македонија.
Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје и во копродукција со ГРААЛ С.А. од Грција.
Киното „Трианон“ постои од 1961 година и повеќе од 50 години е една од најактивните кино сали во Грција, која прикажува уметнички филмови од европската и светската сцена. „Трианон“ е посветен на љубителите на кинематографската уметност и зазема значајно место во историјата на градот. Се наоѓа во центарот на Атина и сместено е во објект изграден во стилот на „баухаус“, има затворена кино сала, сцена за концерти, изложбен простор и отворено кино кое се користи во текот на летните месеци. Киното било отворено со проекцијата на „Никогаш во недела“ на режисерот Џулс Дасин, грчкиот добитник на Оскар за филмска музика и на Златна палма за најдобра актерка во 1960 година.
Во киното „Трианон“ многу филмови од светската кинематографија ги имале своите грчки премиери, како на пример филмовите „Еле“ на режисерот Пол Верховен, „Аве Цезар“ на браќата Коен, „Ноќни животни“ на Том Форд и други. Во киното редовно се одржуваат и проекции на светски филмски класици како „Мојот американски пријател“ на Вим Вендерс, „Лет над кукавичјото гнездо“ на Милош Форман, „Хирошима љубов моја“ на Алан Рене, како и на филмови од немата епоха.