Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на македонскиот гудачки квартет „Филхармонија“ со уметниците Ана Кондратенко и Бојан Илкоски на виолина, Бојан Талески на виола и Марија Михајловска на виолончело.

Концертот ќе се одржи од 21 часот во црквата „Света Софија“, а на програмата се дела за гудачки квартет на руските композитори Чајковски и Шостакович.

Како резултат на потребата за гудачко камерно музицирање на македонската класична сцена, гудачкиот квартет како најсложена форма за интерпретација, како и потребата да прозвучат најголемите класици од железниот репертоар од ваков состав, се создава гудачкиот квартет на Македонската филхармонија, формиран од помлади членови на оркестарот на оваа институција.

Квартетот „Филхармонија“ почна да функционира во октомври минатата година и по два месеца го одржа својот прв концерт и почна активна дејност. Во текот на неколкуте месеци постоење веќе има соработувано со познати диригенти и истакнати уметници во камерното музицирање.

Ана Кондратенко (прва виолина) своето образование го започнала во родната Русија, а дипломирала на Високата музичка школа во Келн, во класата на светски познатиот виолинист Виктор Третјаков. Како солист и концерт-мајстор е доста активна во Македонија, но и во Русија и голем број други земји во Европа, Америка и Азија.

Бојан Илкоски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Олег Кондратенко. Често настапува како камерен музичар, соработувајќи со светски реномирани артисти. Неговата активна изведувачка дејност го носи и вон границите на Македонија.

Бојан Талески најпрвин почнал да свири на виолина, а подоцна се определил за виола. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Фросина Балова. Чест гостин е на фестивалите во Македонија, но и надвор од неа. Добитник е на награди на неколку натпревари во Македонија и Бугарија.

Марија Михајловска дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оценка цум лауде, во класата на проф. Живко Фирфов. Во 2015 година ги завршила и своите магистерски студии на ФМУ во класата на познатиот чешки виолончелист Микал Канка. Учесник е и на повеќе мајсторски курсеви предводени од еминентни музичари.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2018 10:51