Ред Бул се подготвени да ја жртвуваат сезоната на својот втор тим Торо Росо, за да можат Хонда да експериментираат со моторот. Јапонската компанија има одврзани раце да обезбеди што повеќе подобрувања и да ги тестира слободно за време на трките. Целта е догодина, кога Хонда ќе го снабдува Ред Бул, моторот да е максимално издржлив и моќен. - Се разбира, ја оставаме одлуката на Хонда. Ако тие откријат како да извлечат уште една десетина од секундата, природно дека можат да го пробуваат тоа уште за време на трките. Дури и да треба да трпиме казни поради тоа, изјави Хелмут Марко од Ред Бул. По секоја веројатност, ова ќе продолжи и во следната година. Ред Бул имаат единствена шанса да се сопственици на две екипи, а тоа е идеална можност за Хонда да го развиваат моторот, користејќи го помалиот тим како тест. Некој би рекол дека тоа е неправедно кон Брендон Хартли и Пјер Гасли (или евентуално некој друг на нивно место во 2019), но тактиката на Ред Бул е разбирлива, ако сакаат во следната сезона да продолжат да освојуваат трки.