Изложбата на Музеј на Град Скопје во сеќавање на скопскиот земјотрес годинава е посветена на улогата на младинските работни бригади во обновата и изградбата на Скопје. На разурнатиот град први напомош му дошле младинците од двете студентски бригади на Скопскиот универзитет - „Мирче Ацев“ и „Мите Богоевски“.
Веста за катастрофата, во која животот го загубиле 1070 луѓе, а над 3000 биле повредени, нив ги затекнала на работна акција за изградба на автопатот „Братство-единство“. Биле во јулската смена (едната бригада сместени во околината на Смедерево, втората во подножјето на Авала во близина на Белград) и веќе утрото на 27 јули патувале кон Скопје. На простор со ниви (кај сегашната ГОБ „8 Септември“ и поликлиниката „Букурешт“) почнале да ги подигаат шаторите на привремената населба.
Младинците-бригадири од Македонија, на кои им се придружиле и други сојузни младински бригади, учествувале и во изградбата на бараките кои до крајот на годината ги замениле шаторите. Тие им помагале и на повредените луѓе и работеле на ископи на гробиштата каде што се закопувале жртвите.
„Од Братство и единство '63 до Скопје '63“
Моментите од првите денови по катастрофата се овековечени на фотографии кои ќе може да се погледнат на изложбата „Од Братство и единство '63 до Скопје '63“, која ќе биде отворена во Музејот на Град Скопје на 26 јули и ќе може да се посети до септември. Изложбата ќе ја прикаже сложноста на бригадирите и нивниот младешки ентузијазам во желбата да се помогне.
Авторката на изложбата, кустос советник-историчар во Музеј на Град Скопје Зоја Богдановска, за МИА вели дека досега немало ваква изложба и многу малку се пишувало за улогата на младинските бригади. Тоа и ја поттикнало во идејата. На 15 паноа ќе бидат прикажани повеќе од сто фотографии кои ги документираат настаните од 27 јули, текстови и факсимили снимени додека младинските бригади работеле во Скопје.
- Почнувајќи од 27 јули - кога првите две студентски бригади од Скопскиот универзитет, кои во јули работеле на автопатот „Братство-единство“, се враќаат во Скопје. Веднаш се вклучуваат во сите активности – од расчистување на урнатините, спасување на затрупаните, еден дел од нив биле доброволци на гробиштата во Бутел и помагаат во копањето ровови за загинатите граѓани. Во првите денови тие почнуваат да подигаат шатори и да ја градат младинската населба во која на 5 август ќе бидат сместени 11 сојузни младински бригади од тогашна СФРЈ кои доаѓаат од автопатот. Бригадите од цела Југославија заедно со скопските бригади тука го почнуваат животот. Населбата ја нарекле „Братство и единство“. Со нив заедно работат и советските инженери-војници кои, исто така, биле млади и врсници со бригадирите, како и војниците од Југословенската народна армија од Скопскиот гарнизон, истакнува кустосот Богдановска.
Во наредните месеци, до крајот на 1963, се зголемувал бројот на бригадири што учествувале во изградбата на Скопје, Во смените од јули до октомври учествувале бригади од цела Југославија, а во последните два месеца од годината (ноември и декември) бригадите биле републички – четири од Скопје и по една од Охрид, Куманово, Тетово, Штип и Битола.
Од 5 август до крајот на август, вели Богдановска, во Скопје имало околу 840 бригадири. Во втората смена (септември-октомври) биле 850 во 14 бригади, и во третата смена (ноември-декември) 500 бригадири во девет републички бригади. Последните бригадири поради итноста работеле веќе во зимски услови што не било карактеристично за младинските работни акции кои секогаш се организирале во лето.
- Сè уште не биле изградени доволно привремени живеалишта, скопјаните сè уште живееле во шаторските населби, а со есента дошле и првите дождови кои биле многу обилни. Посебно се памти силниот дожд од ноќта помеѓу 5-ти и 6 октомври кога цела населба била поплавена. Тогаш бригадирите имале голема улога зашто успеале во текот на ноќта да ја евакуираат целата населба Парк од Градскиот парк. Не само граѓаните, туку и нивната покуќнина. Во истата ноќ тие подигаат шатори во Тафталиџе и таму ја префрлаат целата населба Парк. Во зимата веќе нема шатори во студентската населба, туку се изградени бараки прилагодени за живеење во зимските услови. Бригадите од крајот на 1963 ги прават завршните работи од изградбата на новите населби Ѓорче Петров 1 и 2, Железарница и Маџари, наведува Богдановска.
Покрај фотографии, изложбата ќе прикаже и автентични предмети, како амблеми на бригадите, бригадирска униформа, значки добиени за работата на автопатот и за работата во Скопје. Во неколку витрини ќе биде претставена и тогашна периодика – весници кои известувале за задачите на работните бригади, дипломи, одликувања, телеграми со сочувство од младински организации од Југославија.
Во надворешен дел на Музејот на Град Скопје ќе биде поставена и импровизирана бригадирска населба со шатори и 43 знамиња со имињата и симболите на сите бригади кои учествувале во Скопје. Населбата во автентичен амбиент ќе го долови животот на младинците од август до декември 1963 година.
Маџоски: Студентите покажаа голема храброст во првите дни
Меѓу предметите што ќе може да се видат во изложбата е и лента со Повелба од орденот кој скопјанецот Душан Маџоски во 1964 го добил од претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито за ангажирањето во спасување на граѓаните во земјотресот и изградба на приградските населби. Нему и на уште неколку студенти од Скопскиот универзитет одликувањата им ги врачил тогашниот ректор Ѓорѓи Филиповски.
Неговите сведоштва помогнале во конципирањето на изложбата, заедно со спомените што за трагичниот настан ги има и Кемал Алимов од скопската студентска бригада „Мите Богоевски“, како и Миле Митевски – сведок од акцијата „Црвени каранфили“. Во таа акција членувале малолетници од локалните скопски бригади кои напролет и наесен го чистеле и уредувале Скопје, а по земјотресот им помагале на поголемите младинци.
- Орденот што го добив е големо признание и знак дека и јас имам оставено едно зрнце во големиот мозаик на солидарноста и хуманоста, вели Душан Маџоски (1938) за МИА, кој тогаш бил студент на Земјоделскиот факултет и член на бригадата „Мирче Ацев“.
Бил во јулската смена од младинската акција за изградба на автопатот „Братство-единство“. Сè уште, како што вели, во свежо сеќавање му се настаните од крајот на јули – месецот што го почнале радосни, испратени на воз од своите најблиски на работната задача.
- Веста ја слушнавме на 26 јули и беше шок. Повеќето од нас, студентите, бевме од Скопје и имавме семејства, роднини и пријатели. Бевме под стрес зашто не знаевме што се случило со нив. Најтешко од сè беше што пред само 26 дена граѓаните од Скопје нè испратија на изградба на автопатот од железничката станица. Од овој простор, каде што е сега музејот, ние тргнавме со песни и знамиња, сите расположени зашто одиме на доброволна работна акција и во колективен студентски живот, раскажува 80-годишниот Маџоски.
Добиле наредба веднаш да заминат за Скопје и нивната бригада заедно со бригадата „Мите Богоевски“ тргнале на пат. Стигнале во Скопје на 27 јули во раните утрински часови, пречекани од тогашниот претседател на Централниот комитет на младината на Македонија Драгољуб Ставрев. Ги стационирале на местото каде што почнале да ја подигаат младинската бригадирска населба.
- Беше голема катастрофа. Влегувајќи со автобуси во Скопје, гледавме пустош и чад од прашина од урнатините, се слушаа лелеци... Но студентите покажаа голема храброст во првите дни на Скопје, голем ентузијазам во спасувањето и давањето помош. Никој не се жалеше на замор, а и тогаш беше многу топло. По само неколку дена ја запеавме првпат песната: „Скопје, граде, ти не губи надеж, ќе те градат студентските бригади“ и граѓаните ја прифатија нашата песна. Сите несреќата ја дочекаа стоички, а солидарноста меѓу граѓаните беше толкава што меѓу себе делеа и чаша вода, и парче леб. По улиците се слушаше само: „Дали сте живи и здрави?“, се присетува Маџоски. Со тага се сеќава и на разделбата на децата од мајките во деновите по земјотресот, кога биле евакуирани на безбедно, во други градови на Југославија.
Пораката на Тито се враќа на ѕидот
„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност“.
Еден ден по разурнувачкиот земјотрес, 27 јули 1963, претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито ја кажал оваа изјава. Во склоп на поставка за НОБ во 1974 на источната фасада од Музејот на Град Скопје (објектот на старата железничка станица) пораката на Тито била овековечена со букви од стиропор.
Тие беа отстранети во 2001 година, наводно поради реконструкција на музејот. До 2010 година, кога ѕидот е реконструиран, изјавата на Тито можеше да се прочита од отпечатоците од лепакот со кој биле ставени.
По повод 55 години од земјотресот и со одлука на Град Скопје направени се нови букви од тврдо пресуван стиропор и натписот ќе биде откриен в понеделник, 23 јули, во рамки на одбележувањето на годишнината.
Нивното поставување на источната фасада почна вчера. Имаат жолто-златеста боја како и автентичните букви кои на објектот стоеја од 1974 до 2001 година. Компјутерски се исечени и изработени од кумановската компанија „Фрагмат“.
Избран е посовремен фонт, подебели се од претходните, но со висина од 35 сантиметри односно помали од првобитните затоа што просторот е помал по реконструкцијата на ѕидот пред осум години.
Директорката на Музеј на Град Скопје Фросина Зафировска изјави дека нивната замисла била буквите да бидат или од плексиглас или од челик. Меѓутоа, рече, плексигласот е скап и е осетлив на атмосферски влијанија. Од челикот се откажале затоа што ќе требало да се постават со дупчење, но би значело и да се прави нова заднина на ѕидот, зашто за тоа не се погодни аквапанелите ставени при реконструкцијата. Стиропорот излегол најсоодветно решение, а се очекува и да биде долготрајно, со оглед дека старите букви издржале неколку децении, иако биле од обичен стиропор и рачно сечени.
Зафировска вели не ја знае причината за нивното отстранување од фасадата на музејот пред 17 години, зашто не била во раководството тогаш. Но има свој заклучок кој, како што рече, го имаат и многумина.
- Немаше абер од реконструирање. Тој ѕид стоеше така уште десет години. Тоа, дефинитивно, беше идеолошки, кога почна да се менуваат и имиња итн... Многу години граѓаните прашуваа зошто се извадени буквите, рече Зафировска.
Јосип Броз Тито е вториот прогласен почесен граѓанин на Скопје, а прв во слободно Скопје - на 13 ноември 1946 година. Претседателот на тогашната СФРЈ го посетил Скопје 16 пати. Првпат на 11 октомври 1945, а последниот пат на 5 октомври 1978 година.
Прв почесен граѓанин на Скопје (прогласен на вонредна свечена седница на Општинскиот одбор во 1921 година) бил д-р Иван Рибар - претседател на уставотворното собрание на Кралството Југославија, учесник во НОБ од 1941 и претседател на Првото и Второто заседание на АВНОЈ. Според податоците на Град Скопје, почесни граѓани на Скопје се уште 14 личности од светот.
Музејот на Град Скопје постои од 1949-та, а во просторот на некогашната железничка станица е сместен од почетокот на 1970-тите години. Секоја година тој организира тематски изложби за земјотресот кои се финансирани од Град Скопје. Музејот е и најсоодветен за настани во сеќавање на катастрофата зашто и самиот ги има нејзините последици. Како и времето запрено во 5 и 17 на часовникот над влезот.
Хатка Смаиловиќ