На древната сцена на амфитеатарот во антички град Стоби вечерва во 21 часот свечено ќе биде отворен 17 Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“ што го организира Општина Велес, под покровителство на Министерството за култура.

Фестивалот ќе започне со премиерата на претставата „Лисистрата“ од Аристофан во режија на ерменскиот режисер Хакоб Газанчјан, а во изведба на ансамблот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов“ - Џинот“ од Велес.

Како што појасни Младен Крстевски директор на велешкиот театар и член на организациониот одбор на фестивалот, станува збор за многу современа верзија на „Лисистрата“.

На 20 јули ќе биде изведена претставата „Јулие Цезар“ на Народниот театар од Битола. На 22 јули на сцената во Стоби со претставата „Ардалион“ ќе настапи Ерванскиот државен театар на пантомима.

На 26 јули ќе биде изведена претставата „Кралските копилиња“ во изведба на Народниот театар од Велес. На 28 јули на древната сцена во Стоби со претставата „Нерон и јас“ ќе има Хамбилскиот регионален руски драмски театар“ од Казахстан. Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Лисистрата“ која ќе има репризна изведба.

Како новина на фестивалот како што најави претседателот на организациониот одбор на фестивалот Драган Миладиновски, годинава за првпат ќе се одржуваат и пет тркалезни маси по една за секоја претстава а ќе бидат насловени „Античка плоча“, а на кои ќе се говори за секоја претставата. Првата е закажана овој петок во 12 часот во Просториите на Народниот театар во Велес.

Инаку пред одржувањето на првата тркалезна маса овој петок во 11:30 во холот на велешкиот театар ќе биде отворена изложбата „Дневник-Театар Џинот во Стоби“ ,сеќавање на авторот Сашо Димовски. Младен Крстевски информира дека и годинава на фестивалот ќе бидат доделени наградите за најдобра машка и женска улога најдобра режија и Гран при за најдобра претстава.Тој воедно најави дека идната година сите награди ќе бидат именувани по познати глумци и режисери.

Инаку претседател на жирито за наградите годинава ќе биде познатиот руски режисер Николај Круглов, а членови актерот Мето Јовановски актер и театарологот Ана Стојановска.

- Годинава го враќаме фестивалот онаму каде што бил во античкиот театар во Стоби што значи враќање на духот на самиот антички театар за после две илјади години на исто место да се сретнат гледачите и актерите, потенцира Крстевски.

Инаку во изминатите три години поради реконструкција на амфитеатарот во Стоби фестивалот на античка драма „Стоби“ се изведуваше на сцената на велешкиот театар. Наместо традиционалниот термин крајот на јули и почетокот на август во 2015 фестивалот се одржа на крајот на септември, а во изминатите две години на почетокот на октомври.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2018 11:41