Пешак и сопатник на мопед се здобиле со тешки телесни повреди во две од вкупно 16 сообраќајки што се случија во текот на вчерашниот ден. Во осум сообраќајки биле полесно повредени 13 лица, а во шест била причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Тринаесет возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, четворица возачи поминале на крстосница на црвено светло, еден возач не дал првенство на минување на пешаците на пешачки премин, еден возач не дал првенство на минување на возила во зона на крстосница, како и тројца возачи за не користење на заштитен шлем на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл. Санкционирани биле и 12 пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин и четворица пешаци кои поминале на крстосница на црвено светло.

Од сообраќај биле исклучени двајца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 11 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, двајца возачи почетници, како и едно технички неисправно возило и 10 нерегистрирани возила. Затекнати биле 58 непрописно паркирани возила.

Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 60 возила.

Денеска Одделението за превенција при СВР Скопје во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“ ќе реализира едукативна работилница со децата од средна и голема група во детската градинка „8 Март“’, објект „Стапалче“, која се наоѓа на подрачјето на општина Кисела Вода.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2018 10:05